Изложба по повод Светскиот ден на литературата за деца во Делчево

 Во пресрет на одбележувањето на Светскиот ден на литературата – 2 Април, на увид на најмладите и нивните наставници денеска во Делчево беше ставено богатството од литература за деца на ЈЛБ „Илинден“.

– Први изложбата ја посетија учениците од второ одделение при ООУ „Ванчо Прке“, кои маскирани по повод Денот на шегата донесоа љубов, шаренило од бои и ликови, но имаа и можност да се запознаат со каква литература за деца располага библиотеката, информираше директорката на библиотеката, Биљана Петровска.

Во рамки на настанот сите заинтересирани освен што имаа можност да ја посетат библиотеката како наставна содржина, им беше презентирана активноста „Медиумска култура“.

– Сите дечиња по повод Денот на шегата и Денот на литература за деца добија соодветни подароци, рече Петровска.

Втори април е датум на раѓањето на светски познатиот дански книжевник и писател на бајки Ханс Кристијан Андерсен поради што, како што напоменаа од библиотеката, 2 Април е посветен на литературата за деца.