Почнува проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“

–  Амбасадата на Швајцарија, во соработка со УНДП МК, Министерството за животна средина и просторно планирање и локалните самоуправи во Полошкиот регион, денеска во село Боговиње  ќе го одбележат почетокот на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“, проект со големи инвестиции во деветте општини во Полошкиот регион.

Како што е најавено, на настанот обраќање ќе имаат Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање, Вероник Улман – амбасадорка на Швајцарија,  Армен Григорјан – постојан претставник на УНДП и Бесник Емшиу – градоначалник на Боговиње.

Со чистење и санација на речното корито на Боговињска Река во општина Боговиње почнаа големите инфраструктурни зафати за контрола и отпорност кон поплавите во полошкиот регион со цел намалување на последиците од идни катастрофи.

Оваа активност е дел од Програмата за подобрување на отпорноста кон поплави во Полог, вредна 12 милиони швајцарски франци, финансирана од Швајцарската влада и се спроведува во девет општини: Тетово, Гостивар, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Желино, Јегуновце, Маврово-Ростуше и Брвеница. Предвидува трансформациска промена на системот за заштита од поплави преку развој на интегриран и софистициран пристап во справувањето со поплавите и друг вид катастрофи во Полог.