Путин тврди дека рускиот гас од денеска ќе се купува во рубљи, западните лидери не прифаќаат

– Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека вчера потпишал указ со кој се бара од странските купувачи да плаќаат за рускиот гас во рубљи од 1 април, во кој се наведува дека постоечките договори ќе бидат суспендирани доколку уплатите не бидат извршени.

– За да купат руски природен гас мора да отворат сметки во рубљи во руски банки. Од утре од тие сметки ќе се плаќа за испорачаниот гас. Доколку таквите плаќања не се реализираат, ќе сметаме дека е неисполнување на обврските на купувачот, со сите последици кои произлегуваат од тоа, рече Путин.

Тој рече дека „никој ништо не и продава бесплатно“ на Русија и оти Москва „нема да се занимава со добротворна работа“, односно дека „ќе бидат стопирани постоечките договори“ доколку купувачите не ги прифатат новите услови.

Указот потпишан од Путин предвидува купувачот на гас да има две сметки во руска банка, на една да уплати евра или долари и да ја овласти банката таа валута да ја претвори во рубљи кои се префрлаат на друг начин. Гасот официјално се купува од таа друга сметка, во рубљи.

Американски медиуми оценуваат дека Путин сепак им дозволил на „непријателските земји“, оние кои воведоа санкции кон Москва, да продолжат да плаќаат за рускиот гас во странска валута, преку руска банка која ќе ги претвора парите во рубљи.

Указот на Путин предизвика реакции кај западните лидери, кои инсистираат на тоа дека ќе продолжат да плаќаат за гас во евра или долари.

Набргу по објавувањето на указот, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека постоечките договори за купување на руски гас предвидуваат плаќање главно во евра, а понекогаш и во долари.

Тој изјави дека во вчерашниот телефонски разговор „јасно му ставил до знаење на Путин дека така ќе остане“.

– Внимателно ќе ги разгледаме неговите (на Путин) идеи за тоа како може да се направи тоа. Но, во секој случај, она што важи за компаниите е дека тие ќе можат да плаќаат во евра, изјави Шолц.

Италијанскиот премиер Драги претходно денеска изјави дека добил и гаранции од Путин дека Европа нема да мора да плаќа во рубљи за рускиот гас, неопходен за греење и електрична енергија.

Драги рече дека Путин за време на синоќешниот 40-минутен телефонски разговор го уверил дека „постојните договори остануваат во сила“ и оти „европските компании ќе продолжат да плаќаат за гасот во долари и евра“.

Францускиот министер за економија Бруно Ле Мер изјави дека е неопходно да се почитуваат постоечките договори кои предвидуваат плаќање на гасот во евра или долари.

Европа задоволува третина од потребите за гас од Русија, што ја прави енергијата најмоќната алатка со која располага Путин, додека се обидува да возврати на острите западни санкции поради руската инвазија врз Украина.

Одлуката на Путин да бара плаќање во рубљи за рускиот гас ја зајакна руската валута, која падна на историски минимум по почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари.