САДУ испрати покана за средба со синдикатот на УПОЗ за усогласување на нивните барања

– По објавата на синдикатот на УПОЗ, за организирање на предупредувачки протест следната недела за изразување на незадоволство од Владата поради непристапување кон покачување на платите во јавниот сектор, Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија (САДУ) кој ги здружува работниците од истата дејност, испративме покана за средба со синдикатот на УПОЗ со цел усогласување на нашите барања и пристапување кон заедничко настапување со нашите синдикални активности, соопшти Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

– Ставот на органите на синдикатот на САДУ е дека од најголем интерес за работниците е ние како синдикати заеднички да настапуваме во однос на нашите барања со цел да ја зајакнеме нашата позиција пред надлежните и за таа цел и јавно ги покануваме на заедничка средба, се вели во соопштението.

Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија, додаваат, веќе започна со своите синдикални активности.

– На 30 март 2022 година заедно со повеќе грански синдикати од КСС одржавме предупредувачки протест се со цел да го изразиме нашето незадоволство во поглед на платите на вработените во јавниот сектор и ги изразивме нашите барања да се пристапи кон почитување на законите и да се усогласат платите во согласност со покачувањето на минималната плата, се наведува во соопштението.