Се зголемуваат водостоите на реките, нивоата на езерата исти како вчера

– Водостоите кај најголем дел од реките во земјава се пониски од просекот за април, но бележат големо зголемување на нивото во споредба со вчерашното, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Најголемо зголемување, речиси за три пати има реката Вардар на мерното место кај Јегуновце, по што следат Треска на мерното место кај Македонски Брод и Лепенец кај Скопје каде има скоро двојно зголемување на водостојот во споредба со вчера.

За разлика од реките нивоата на природните езера се исти како вчера. При тоа, водостојот на Охридското и на Преспанското Езеро е понизок од просечниот и тоа за 18 сантиметри кај Охридското и за 1,86 метри  кај Преспанското Езеро со што е на два сантиметра над апсолутниот минимум од 842,25 (мнм). Водостојот, пак, на Дојранското Езеро е за 2,75 метри повисок од повеќегодишниот просек за овој период од годината.