Мојсиу: Новиот претседател треба да биде над партиите и да работи за унитарноста на нацијата

– Како единствен консензуален претседател до сега во Албанија, Алфред Мојсиу за Ора њуз оценува дека владејачката Социјалистичка и опозициската Демократска партија тешко ќе најдат заеднички јазик за да се договорат за името на шефот на државата, кој ќе го замени актуелниот Илир Мета по 24 јули, јави дописничката на МИА од Тирана.  

– Консензусот е најдобар, но не знам дали ова барање може да се исполни. За да се избегне политизација на институцијата претседател решението не треба да доаѓа од политичките партии, туку од народот. Значи, сметам дека претседателот треба да биде избран директно од народот. Ова ќе го подобри имиџот на претседателот и неговите овластувања, изјави тој.  

Мојсиу (92), кој на чело на албанската држава беше во периодот од 2002 до 2007 година,  одби да  го коментира однесувањето на актуелниот претседател Мета. 

– Јас не се занимавам со оценување на моите претходници или на моите наследници, новиот претседател мора да биде како што налага Уставот, да биде над партиите и да работи за унитарноста на нацијата, рече тој. 

Албанскиот парламент до 24 мај треба да избере нов претседател, но засега консензусот меѓу власта и опозицијата изгледа далечен. 

Координаторот на пратеничката група на социјалистите, Таулант Бала деновиве изјави дека при изборот на кандидат за нов претседател ќе имаат консултации со сите пратенички групи, бидејќи „на Албанија и треба нормален претседател, кој ќе биде спротивност на она што го претставуваше Мета“. 

Поранешниот албански претседател, експремиер и актуелен пратеник Сали Бериша изјави дека нема да поддржи кандидат на ПС и го обвини мнозинството дека „купува опозициски пратеници за да добие 84 гласа без да има потреба од тркалезни маси меѓу политичките партии“.