Најмногу дожд наврна во Маврово, Пожаране, Охрид и Дебар

– Во текот на ноќта и изутринава беше променливо облачно со локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места со локален снег. Дуваше слаб до умерен од променлив правец, кој на места беше повремено засилен ветер.

Најмногу дожд во за изминатите 24 часа до 8 часот утрово наврна во Маврово и тоа 18 литри на квадратен метар воден талог, во Пожаране и Охрид по 13, Дебар 12, Крушево 9, Берово 8, Претор 6, Скопје 4 и Битола, Струмица и Попова Шапка по 2 литри на квадратен метар воден талог.

Утрово најниска температура од -5 степени е измерена на Попова Шапка, -2 во Маврови Анови и Kрушево, 1 во Претор и Берово, 2 во Крива Паланка, Охрид, Битола и Петровец, 3 во Струмица, Тетово и Дебар, 4 во Скопје, Демир Капија, Штип и Виница, 5 во Куманово и Гевгелија и 6 степени во Дојран.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и локални врнежи од дожд, особено во крајните западни и источни делови, кои на планините ќе бидат од снег. Попладне ќе има локална појава на краткотрајна нестабилност со пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува умерен, а наместа повремено засилен ветер од југозападен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со умерен ветер од југозападен правец. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд.

Максималната температура ќе достигне до 15 степени.

Во следните денови ќе се задржи променливо облачно и посвежо време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините со локални врнежи од снег. В среда ќе има преодно стабилизирање на времето, а температурите ќе бидат во пораст.