Непроценливото црковно богатство во Прилепско треба да се заштитува

– Прилепскиот, Крушевскиот и Мариовскиот Регион располагаат со огромно црковно и иконографско богатство кое треба перманентно да се заштитува, констатираат од прилепскиот Завод и музеј каде е завршена повеќегодишната реевиденција на црквите, иконите и фрескоживописот во регионот.

Со реевиденцијата се опфатени 154 цркви во 134 населени места, и во градските делови, и околу 5 000 икони и бројни фрескоживописи. Културното богатство е огромно, вели Мимоза Христоска, виш кустос, историчар на уметност во Заводот и музеј која го водеше процесот. Црквите се од 12 па до 19 век. Преовладуваат од 19 век.

-Самиот проект ги опфаќаше црквите и манастирите, не само на територијата на Прилеп, туку и во општините Крушево, Долнени, Кривогаштани и Мариово. Црквите во кои е направена реевиденцијата потекнуваат од 12 па сѐ до 19 век. Во овој Регион најмногу преовладуваат црквите од 19 век. Мора да посочам дека 19 век беше во некој вид „заборав“, но сега научната јавност посветува поголемо внимание на фрескоживописот, на иконите и на црквите од 19 век. Овој период е многу значаен за иконопиството, не само во земјава, туку и пошироко на Балканот, зашто ги носи поствизантиските корени од 18 век. Главното влијание, посебно на оваа територија, е од Атос. Значи, големите пишани книги, графиките кои се носат, се атоски. На оваа територија, многу често се споменуваат имињата на Гари, Јован Атанасов-прилепчанец, работат Мијаците, потоа Адамче Најдов, Петар Дебарчанец, Мирче Дамјанов, работат многу од Крушевската зографска школа. Тие се битни, клучни зографи кои, не само што работат на архитектурата на Прилеп, туку работат и пошироко, на територијата на Северна Македонија, вели Христоска.

Со најголемо црковно богатство се варошките цркви. Градени се во повеќе наврати, во 12, 14 и во 16 век, додека пак, поствизантиските цркви кои се заштитени се наоѓаат во Костинци, Рилево, Долгаец, Зрзе, Галичани и во Слепче.

-Сликарството е доста специфично со начинот на кој се сликани фрескоживописите и иконите, го следат поствизантиското, но секогаш самоукиот зограф има начин да го прикаже посебното на фреската или на иконата што е карактеристично за 19 век. Не ги следи канонските одредби што се практикувале во 18 век. Се внесуваат некои сопствени елементи и измени во сликањето – и според колоритот и по начинот на претставувањето на ликовите и на сцените на фреските. Интересно е дека има светци поставени и насликани во цела фигура, што претходно не биле, објаснува Христоска.

Фреските и иконите од 19 се во катастрофална состојба и потребно е да се забрзаа нивната заштита.

-Фрескоживописот, посебно од 19 век, е во катастрофална ситуација, тоа важи и за иконите. Повеќе се заштитуваат иконите кои се постари, до 17, 18 век, а 19 век беше оставен како период со таканаречени помлади икони. Затоа, сега треба да се обрати поголемо внимание на 19 век, зашто е богатство кое треба да се заштити. Работат доста добри зографи, мајстори кои ги работат и фрескоживописот и иконите, смета Христоска.

Овој регион се вбројува високо во земјава по своето културно богатство и црковната архитектура. По селата црквите се одржуваат, зашто Црковните одбори се грижат за тоа. Последниве години речиси нема кражби на црквите. Посебно во Долненската општина има поставено алармни системи. Се крадат пари, ама не и икони.

-Има села каде воопшто не се обрнува внимание и состојбата е страшна. Главно се однесува на Мариовскиот реон кој е многу раселен и во Плетварскиоот реон кај Прилеп, вели Христоска.

Неминовна е поголема грижа за црковното и културното богатство, е заклучокот по повеќегодишната реевиденција на црквите, фрескоживописите и иконите во Прилепско. И доколку населението забележи нешто за што им треба помош, од Музејот стојат на располагање.

– Тоа е културно, духовно богатство со кое македонскиот народ навистина треба да се гордее. Не само Министерството за култура, не само Музејот, туку и населението може да помогне во заштитата. Кога излегуваме на терен често им одржуваме обуки на Црковните одбори како треба да се води грижа за црквата. Ние секогаш стоиме на располагање и да контактираат со нас. Општо, свеста на луѓето треба да се крене на повисоко ниво, вели вишиот кустос во прилепскиот музеј Мимоза Христоска кој ја раководеше реевиденцијата на црковнбото богатство во Регионот.