Птичјиот грип се шири во Франција, не е поштедена ниту Дордоња

– Франција е меѓу 34-те европски земји погодени годинава од птичји грип, јави дописникот на МИА од Париз.

„Високо патогената епизоотија од птичји грип сега е идентификувана во Дордоња. Три силни сомневања беа потврдени во Дордоња на 1. и 2 април со позитивни анализи за вирусите IA-H5 и IA-H7“, соопшти префектурата.

Овој департман досега беше заштитен од тешката епизоотија на птичји грип што ја зафати Франција.

Засегнати се две фарми во градот Вал де Лујре ет Кодо, едната од 19.000 патки имала клинички знаци, а другата од 22.000 патки на возраст од 21 ден. Третиот случај е откриен во Сен Жениес, северно од Сарлат, во фарма со 670 гуски и 350 гувчиња.

„На овие три локации се поставени  превентивни кланици“, наведува префектурата.

Четвртата фарма, исто така лоцирана во градот Вал де Лујре ет Кодо, беше предмет на превентивна депопулација откако таму беше забележана „многу висока смртност“ на нејзината месна живина.

Епизоотијата на птичји грип 2021-2022 година е најтешката што ја зафати Франција, со повеќе од 1.100 заразени фарми и повеќе од десет милиони заклана живина, што претставува рекорд.

Западниот дел на Франција, а особено департманот Ванде (500 жаришта од 31 март), е особено погоден. 

Овој вирус ги погодува исклучиво птиците. Циркулира во дивата фауна и се манифестира за време на миграциите.

Вкупно 34 европски земји се погодени годинава. Северна Италија беше особено погодена, со 18 милиони живина.