Работнички ја прекина соработката со тренерот Христов

 Раководството на македонскиот фудбалски прволигаш Работнички одлучи да ја прекине соработката со тренерот Борче Христов. На ваков чекор „Романтичарите“ се одлучија по третиот последователен пораз во првенството.

Работнички вчера на арената „Тодор Проески“ загуби од Струга Трим Лум со 1:3.

-Кога резултатите не се во корист на тимот, одговорноста прв ја презема шефот на стручниот штаб. По трите порази едноподруго, донесовме одлука за разделба со тренерот Борче Христов. Се надеваме дека оваа промена ќе ги разбуди и фудбалерите. Би сакал да му се заблагодарам на тренерот Христов за посветеноста и досегашната работа во клубот, му посакуваме многу среќа во понатамошната кариера, изјави претседателот на Работнички, Драган Поповски.

На следниот натпревар против Брегалница в среда, тимот ќе го предводат досегашните асистенти на Борче Христов, Стојанче Игњатов и Блаже Јанакиевски.