Ескобар: Украинската криза нема да се прелее во западен балкан

– Војната во Украина не може да се прелее во БиХ и соседството, а Хрватска е пример за паметна енергетска политика, изјави денеска американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар.

На американско-хрватскиот форум, Ескобар рече дека „не мисли дека“ украинската криза може да се префрли во хрватското соседство, бидејќи таа доведе до враќање на европскиот фокус на решавање на кризата во своето опкружување, пренесува Хина.

Војната во Украина, исто така, ги наведе земјите-кандидати за членство во Европската унија „проактивно да покажат солидарност“ со западните вредности, рече Ескобар, наведувајќи го фактот дека Србија ја осуди руската инвазија при гласањето на Генералното собрание на Обединетите нации на почетокот на март.

Ескобар истакна дека Србија не е најтешката тема за која разговара со другите соседни земји, бидејќи таа „титула“ и припаѓа на БиХ.

Денес се поставува прашањето како Србија да се привлече кон западните демократии, меѓу кои „отсекогаш била и каде што припаѓа“, нагласи Ескобар, додавајќи дека процесот на интеграција забави за време на владеењето на Слободан Милошевиќ, кое беше обележано со „лошо владеење“.

Американскиот специјален пратеник смета дека „идната генерација Срби“ ќе биде повеќе наклонета кон Европа.

Ескобар оцени дека БиХ, за која тој во јавните настапи повторува дека не ја мачи етничка криза туку корупција, е најголемиот предизвик на Западен Балкан и земја каде што „западните ветувања најмалку се исполнети“.

Тој не сакаше директно да каже дали е оптимист дека годинава ќе се одржат избори во земјата, каде што доцнат преговорите за изборните реформи, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи.