Институтот за педагогија ќе одбележи 75 години со меѓународна научна конференција

– По повод седум и пол децении постоење,  Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје од 16 до 18 мај 2022 во Охрид ќе организира меѓународна научна конференција  „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“.

Пријавени за конференцијата се над 220 учесници  од 21 земја со повеќе од 120 научни труда. Учесници ќе бидат педагози, наставници, воспитувачи, универзитетски професори,  студенти, ректори, декани, градоначалници.

-Целта на конференцијата е афирмација и промоција на нашата дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји, соопшти проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, раководител на Институтот за педагогија, кој е прва и најстара високообразовна институција за образование на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава.

Од конференцијата се очекува, како што вели,  ретроспектива на последните случувања во воспитно-образовната политика, како и научен осврт за реформските зафати во нашиот образовен систем, примери од теорија и практика, да се дискутира за актуелните прашања од сите области и потсистеми на воспитанието и образованието, да се промовираат нови педагошки концепти и идеи и да се споделат резултати од најнови истражувања и иновации.

Програмскиот одбор на најавената меѓународна конференција го сочинуваат 45 универзитетски професори од 18 земји, а претседател е проф. д-р Наташа Ангелоска-Галевска. Во повикот за учесници беа наведени 41 тема од различни научни области – психологија, социологија, специјална педагогија, безбедност, историја, археологија, социјална работа и политика, уметност, физичко и здравствено образование итн.