Јаневски: Помалку бирократија во енергетскиот сектор и реструктуирање на земјоделските субвенции

– Намалување на увозната зависност и инвестирање во самоодржливоста, е најважниот аспект од домашната економија на кој треба да работиме, а храната и енергијата да бидат првите области на кои ќе се фокусираме, порача денеска извршниот директор на Бизнис клубот на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, Свето Јаневски.

Во обраќањето на настанот по повод Денот на НАТО, Јаневски потенцира дека не треба да бидеме само брзи, туку и храбри во реформите зашто „само просперитетните економии може да гарантираат безбедност и стабилност“.

Осврнувајќи се посебно на енергетиката, тој рече дека треба да се редизјанира сегашниот закон, но и да се намалат бирократските процедури. Во однос на земјоделството, пак, укажа дека е неопходно да се реструктуираат субвенциите и да се овозможат меки кредити и државни гаранции за компаниите кои се подготвени да инвестират и да го трансформираат секторот.

Додека гледаме кон иднината, подвлече Јаневски, мора да инвестираме во капацитетите денес.

-Главниот краткорочен приоритет треба да биде спроведување економски политики насочени кон подигање на стандардот и обезбедување можност за младите. Мораме брзо да обезбедиме енергетска независност, да го редизјанираме сегашниот закон, да ги намалиме бирократските практики и да им овозможиме на сите заинтерсирани да инвестираат во обновливи извори. Иако традиционално сме земјоделска земја со идеални услови за производство на храна, годишно бележиме трговски дефицит од преку 300 милиони. Годинава ќе биде уште повеќе. Увозот на храна беше околу 700 милиони, но годинава очекуваме да биде една милијарда. Иако се субвенционираат милионски суми, реструктуирањето на владсините субвениите мора да биде највисок приорите заедно со овозможување меки кредити и државни гаранции на компаниите кои се подготвени да инвестират и да го трансформираат земјоделството. Треба да дејствуваме сега, нагласи извршниот директор на Бизнис клубот на Евроатлантскиот совет.

Клучно е, дополни, да се овозможи отворен дијалог за приротетите на државата, да се направи план во кој сите ќе веруваат и што ќе се реализира за да се трансформира и зачува земјата, а нашата најважна битка треба да биде против емиграцијата.

-Ако не се направат суштински реформи, државата ќе остане пуста. Тоа го потврдува и последниот попис. Сепак, верувам дека се уште постои надеж. НАТО е и ќе остане камен-темелник на безбедноста на нејзините членки. За нас НАТО значи поголема одговорност за заедничката безбедност, но и за исполнување на стандардите на цивилизираниот свет: демократски институции, либерална пазарна економија, борба против корупцијата, владеење на правото, осносно човечко достоинство и поширока толерантност. На Балканот тоа не е познато, се уште сме на почеток на нивното спроведување, рече Јаневски.

На настанот „Денот на НАТО – 4 Април“ што го организираше Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, освен министерката Петровска, се обратија и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Евроатланскиот совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани и американската амбасадорка Кејт Брнз. мч/дма/