Тренчевска: Вложувањата во правилниот развој на децата е придонес за нивна успешна иднина

– Вложувањето во правилниот раст и развој во децата е влог во нашата иднина, вложување во зајакнување на капацитетите на децата, зајакнување на вештините, поттикнување на нивната љубопитност и желба за знаење од најрана возраст всушност претставува директен придонес кон успешноста на децата во нивниот натамошен живот, порача министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по отворањето на детска библиотека во ЈОУДГ Буба Мара – објект Пчелка 1.    

Таа додаде дека се радува што ова детско литературно катче или библиотека во овој објект не е само изолиран случај, туку дека во сите објекти на „Буба Мара“ ќе бидат воспоставени такви катчиња.

-Тоа значи дека од најрана возраст децата кои се опфатени во предучилишното образование во оваа јавна установа за претшколско образование ќе можат да се сретнат со сликовници, со книги, да го збогатуваат својот фонд на зборови и со тоа да вложуваме во нивниот раст и развој. Дополнително радува иницијативата и на родителите да донираат сликовници и книги што значи и тие се вклучуваат во идејата на директорката и стручниот тим во градинката за да инвестираме во детскиот развој, истакна министерката.   

Таа ја искористи можноста да упати апел и поттик и останатите градинки во државата да ја следат оваа иницијатива и да воспоставуваат такви библиотеки или детски катчиња каде што децата ќе можат од најрана возраст да се сретнат со книги, со сликовници, да читаат бајки, приказни и да се дружат со книгите.  

Читањето во предучилишната возраст е особено значајно затоа што преку читање книги, приказни и бајки децата влегуваат во светот на имагинацијата, го збогатуваат својот фонд на зборови и се стекнуваат со нови поими и изрази…, истакна мнистерката за труд и социјална политика.  

Тренчевска најави дека Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи и натаму да вложува во реконструкција на постојните и изградба на нови градинки, со цел да се зголеми опфатот на деца во претшколски установи.

Отворањето на библиотеката е во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на литература за деца „Спознај го светот преку книгата“.