Австралија ја интензивира воената надградба поради зголемените закани од Кина и Русија

 Поради зголемените закани од Русија и Кина, Австралија ги забрза плановите за купување ракети со голем дострел, неколку години пред предвиденото.

Австралискиот министер за одбрана Питер Датон изјави денеска дека забрзаното повторно вооружување на борбените авиони и воени бродови ќе чини 3,5 милијарди австралиски долари (2,6 милијарди долари) и ќе ја зголеми способноста на Австралија да ги одврати потенцијалните противници.

– Постоеше претходна работна претпоставка дека чинот на кинеска агресија против Тајван може да се случи во 2040-тите. Мислам дека таа временска рамка сега е драстично намалена, изјави Датон во интервју за локалната ТВ мрежа 7.

– Кога ќе погледнеме што се случи во Украина, постои шанса Русите да заминат во Полска или на некое друго место во Европа. Тоа би било повторување на 1930-тите и не треба да го дозволиме тоа, додаде Датон.

Според ревидираниот план за набавка до 2024 година, три години порано од планираното, борбените авиони ФА-18Ф Супер Хорнет ќе бидат вооружени со подобрени американски ракети воздух-земја JASSM-ER

Австралиските фрегати од класата АНЗАК и разурнувачите од класата Хобарт ќе бидат опремени со ракети Конгсберг НСМ од норвешко производство до 2024 година, пет години пред предвиденото, што ќе го удвои дострелот на воените бродови.

Новиот распоред за повторно вооружување доаѓа откако Соломонските Острови објавија нацрт-безбедносен договор со Пекинг според кој Кина може да испрати воен персонал на овие острови во јужниот дел на Пацификот и да помогне во одржувањето на редот и безбедноста.