Германија ја зголемува помошта за Молдавија на 40 милиони евра

–  Поради војната во Украина, германското Министерство за економска соработка и развој ќе обезбеди поголема финансиска поддршка на Република Молдавија, изјави во Берлин министерката Свења Шулце, пренесува телевизискиот канал ЗДФ.

Германската помош за развој на Молдавија ќе биде зголемена од 35 на 40 милиони евра на краток рок. Меѓу другото, парите ќе бидат искористени за поддршка на општините кои примаат бегалци и за проширување на социјалната инфраструктура, како училишта или градинки. Интеграцијата на украинските приправници во системот за стручна обука, исто така, треба да се поттикне.

– Речиси 100.000 бегалци од Украина во моментов се во земјата со 2,6 милиони жители, една од најсиромашните во Европа, рече Шулце.

– Од сите земји во кои се сместени бегалци, Молдавија згрижи најголеми процент Украинци, кои веќе сочинуваат 4 отсто од населението на земјата која се бори со сериозни економски тешкотии, објасни германската министерка.