Германија спречи затворање на филијала на Гаспром

– Германската Влада назначи менаџер на филијалата на руски Гаспром, кој се повлече од сопственоста, за да обезбеди континуитет на снабдувањето, соопшти Министерството за економија во Берлин, повикувајќи се на планираната ликвидација на компанијата.

„Гаспром“ минатиот петок соопшти дека се повлекува од сопственичкиот удел во „Гаспром Германија ГМБХ“ и други имоти во Германија, вклучително и „Гаспром Маркетинг и трејдинг Лтд“ со седиште во Лондон, без да даде детали или објаснувања за таквата одлука.

Седиштето на Гаспром Германија е во Берлин, а негов единствен акционер е Гаспром Експорт, подружница во целосна сопственост на Гаспром.

Нејзините основни деловни активности вклучуваат складирање, трговија и снабдување со гас, кој се користи како гориво во патниот и поморскиот транспорт, а исто така поседува и мрежа на бензински пумпи во Германија и Чешка.

Гаспром, меѓу другото, управува со најголемиот германски склад за гас, кој сочинува една петтина од капацитетот за складирање на гас во Германија, според ДПА.

Министерството за економија во понеделникот посочи дека Гаспром Германија управува со исклучително важна инфраструктура во Германија.

Нејзиниот сопственик Гаспром изјави дека се повлекува од Гаспром Германија и не е јасно кој ќе биде новиот економски и правен сопственик на акциите, нагласи министерот за економија Роберт Хабек.