Кутиров: Царината врши засилени контроли и евиденција на граѓаните кои влегуваат со странски моторни возила

Нема никакви нови законски измени, единствено се вршат засилени контроли и евиденција на граѓани кои имаат возила со странски регистарски таблички и влегуваат на територијата на државата, рече директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, одговорајќи на новинарско прашање.

Таа истакна дека оваа материја се регулира со Уредбата со царинскиот закон и Истанбулската конвенција, која се почитува во огромен број земји во светот и која ја почитува и нашата држава.

-Задржувања можеби има, но запленување на возила и слични такви ситуации нема на граничните премини, но се вршат поинтензивни контроли и проверки и постапувања во внатрешнoста на државата. Ние, како Царинска управа, за сите граѓани кои не се информирани доволно околу постапките имаме известувања на веб страницата и телефони за контакт и доколку граѓаните имаат било какви прашања можат слободно да се обратат, рече директорката Кутиров.

Во однос на извозот кон Украина и можните проблеми кои ги имаат превозниците, Кутиров објасни дека тие се подготвени да им помогнат на сите економски оператори, но кај нив не се пријавени проблеми и немаат такви информации.