Медведев: Москва пропорционално ќе одговори на протерувањето руски дипломати

– Русија ќе одговори пропорционално на протерувањето на нејзините дипломати од голем број западни земји, изјави поранешниот руски претседател и потпретседател на националниот Совет за безбедност Дмитриј Медведев.

„Сите го знаат одговорот: тоа ќе биде симетрично и деструктивно за билатералните односи. Кого казнија? Пред сè себеси“, објави тој на Телеграм

Франција вчера соопшти дека ќе протера 35 руски дипломати поради инвазијата во Украина, а Германија посочи „значителен број“ руски дипломати кои се прогласени за непожелни.

„Ако вака продолжи, ќе биде соодветно, како што напишав на 26 февруари – да се затвораат вратите на западните амбасади. Ќе биде поевтино за сите. И тогаш на крајот само ќе се гледаме еден на друг на никаков друг начин, освен низ нишани“, наведе Медведев.