Објавени првите огласи од Оперативниот план за вработување

 Агенцијата за вработување ги објави првите јавни огласи за мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година. Невработените лица и работодавачите од денес ќе можат да аплицираат за мерките – Самовработување, Практиканство и Вработување и раст на правни субјекти.

Од Агенцијата за вработување информираат дека за мерката Самовработување поради големиот интерес обезбедени се финансиски средства за отворање на сопствен бизнис за 2000 лица. Финансиската поддршка за едно лице да отвори сопствен бизнис изнесува 307.500 денари или до 615.000 денари доколку двајца сопружници основаат компанија.

Преку мерката Практиканство, 1620 млади лица до 34 години ќе имаат можност да се вклучат на пазарот на труд и да се стекнат со практични знаења на одредено работно место. Лицата ќе добијат месечен надоместок во висина од 9.000 денари со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за период до три месеци.

– Мерката Вработување и раст на правни субјекти пак овозможува работодавачите од микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации да го прошират и развијат сопствениот бизнис, со отворање на нови работни места. Мерката ќе опфати 262 невработени лица евидентирани во АВРСМ од следните целни групи: млади лица до 29 години, корисници на гарантиранa минимална помош, невработени лица кои ги изгубиле своите работни места по појава на панадемијата КОВИД-19 и Роми, појаснуваат од Агенцијата за вработување.

За овие мерки може да се аплицира во 30-те центри за вработување. За мерката Практиканство и Вработување и раст на правни субјекти постои можност за електронска апликација преку системот е- Работа, достапен на веб- страната на Агенцијата за вработување www.av.gov.mk.

За реализација на Оперативниот план за вработување за 2022 година предвидени се 1,8 милијарди денари, а се очекува да бидат опфатени околу 15.000 невработени лица.