Западна Африка се соочува со историски недостиг на храна

 Западноафриканскиот регион историски гледано се соочува со најголем недостиг на храна, поттикнат од регионалните конфликти, сушата, но и влијанието на украинската војна врз цените и достапноста на храната, соопштија хуманитарните агенции.

Во регионот има околу 27 милиони гладни, а тој број до јуни би можел да се зголеми на 38 милиони, што е за 40 отсто повеќе од минатата година и историски максимум, се наведува во заедничката изјава на 11 меѓународни хуманитарни организации.

Големи делови од Западна Африка, вклучително и делови од Буркина Фасо, Мали, Нигер и Нигерија, се соочуваат со исламистички бунт поради кој досега се протерани милиони луѓе. Заедно со Чад тоа се земјите најпогодени од глад.

Регионот се соочува и со големи поплави и суши поради климатските промени, што ја отежнува работата на земјоделците. Производство на житни култури во 2021/2022 година година во Нигер опадна за 39 отсто во однос на претходната година, додека пад од 15 отсто е забележан во Мали.

Цената на храната на светско ниво расте, трговијата е нарушена поради руската инвазија на Украина, а негативно влијаеа и затворањата на границите поради коронавирусот.

Според Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), шест западноафрикански држави 30 до 50 отсто од потребите за жито ги обезбедуваат преку увоз од Русија и Украина.