Адеми реизбран со контроверзии на чело на Фудбалската федерација на Косово

– Досегашниот претседател на Фудбалската федерација на Косово (ФФК), Агим Адеми денеска беше избран за уште еден четиригодишен мандат на чело на таа организација, јави дописникот на МИА од Приштина.

За изборот на Адеми, кој беше единствен кандидат за функцијата, гласаа 42 присутни делегати на ФФК, додека еден беше воздржан.

Од вкупно 58 делегати на ФФК, 15 го бојкотираа изборното собрание, поради незадоволство од одлуката на Комисијата за ибор да ја одбие кандидатурата на Грамоз Вокри, син на легендата на косовскиот фудбал и основачот на ФФК, Фадиљ Вокри.

Клубовите кои се незадоволни од реизборот на Адеми најавија дека е можно да ги бојкотираат натпреварите во косовските фудбалски лиги доколку денешното изборно собрание не биде прогласено за нелегално.

Адеми застана на чело на ФФК во 2018 година, по ненадејната смрт на тогаш 57-годишниот Фадиљ Вокри.

Заблагодарувајќи им се по изборот на тие што гласаа за него, Адеми во неговото обраќање вети дека ќе работи во правец да ја стекне довербата и на оние кои се спротивставија на неговиот избор.

На изборното собрание на ФФК денеска присуствуваа и двајца делегати на европската куќа на фудбалот, УЕФА, како и претседателот на Косовскиот олимписки комитет, Исмет Красниќи.