Израелскиот премиер го изгуби тесното парламентарно мнозинство

– Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска го изгуби тесното парламентарно мнозинство, по оставката на Идит Силман од неговата партија Јамина, оставајќи ја Владата со несигурна контрола на власта, која сепак во моментов не се соочува со колапс.

Сега Бенет има контрола над 60 од 120 места во Кнесетот.

Бидејќи Парламентот има пролетна пауза, премиерот е поштеден од гласање недоверба во блиска иднина. За да успее тоа, гласањето треба да има поддршка од најмалку 61 пратеник.

Медиумите коментираат дека со повлекување од функцијата претседателка на коалицијата на Кнесетот, во име на зачувување на „еврејскиот идентитет на државата Израел“, Идит Силман им зададе удар на напорите на Бенет за обединување на редок сојуз меѓу либерални и арапски пратеници, кои одлучија да се приклучат на неговата Влада минатиот јуни.

Со таа коалиција, Бенет стави крај на рекордот на Бенјамин Нетанјаху од 12 години на власт.

Министерот за верски прашања Матан Кахане од Јамина („Десно“), изјави дека соопштението на Силман, било изненадување.

– Се надевам дека е реверзибилно. Оваа Влада прави добри работи за нацијата, појасни Кахане за Арми Радио.

Силман  се најде во конфликт и со министерот за здравство, околу тоа дали треба израелските болници да спроведуваат строги кошер прописи за време на претстојниот Велигден.

Таа во својата изјава изрази надеж да се создаде десничарска влада „дури и за време на овој сегашен Кнесет“ – повик коалицијата на Бенет да се сруши пред следните избори, закажани за 2025 година.