Кривична пријава против поранешен претседател на ДИК и уште три лица за злоупотреба на службената положба и овластување

–  Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против претседател на Државната изборна комисија (ДИК) во период од јули 2018 година до јануари 2021 година, претседател на Комисија за јавни набавки и двајца членови на Комисија за јавни набавки, за период од 2019 година, во Скопје, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 вв став 1 вв со член 22 од Кривичниот Законик.

Пријавените,  соопшти денеска Управата, овозможиле на економски оператори да се стекнат со имотна корист во  вредност 8.619.790 денари.

Првопријавениот, објаснуваат  од Управата, во текот на 2019 година, во својство на претседател на ДИК, искористувајќи ист траен однос и прилики, ја искористил службената положба и овластување при вршење  јавни набавки на начин што, спротивно на Начелото за конкуренција меѓу економските оператори, еднаков третман и недискриминација на економските оператори и транспарентност во процесот на доделување на договори за јавни набавки и спротивно на членовите 12, 47, 63 од Законот за јавни набавки (Службен весник на РСМ бр 24/19) и спротивно на член 68 од Законот за енергетика (Службен весник на РСМ бр 96/18), без да објави јавен оглас и без да спроведе постапка за јавна набавка, извршил набавка за снабдување со електрична енергија, услуги за одржување на хигиена и писмоносни услуги во внатрешен сообраќај и склучил договори со три економски оператори, на кој начин им овозможил вкупна корист од 2.840.270 денари со ДДВ.

-Првопријавениот, спротивно на член 99 точка 4 и став 4 од истиот член, во текот на мај 2019 година склучил Анекс број 1 кон договорот број 05-886/10 од 08.04.2019 година, врз основа на кој набавил дополнителни количини на паравани за гласање, наменети за спроведување на вториот круг на гласањето за претседателски избори 2019 и предвремените избори за градоначалници на општина Охрид, Ново Село и Дебар, со вкупна вредност од 771.600 денари без ДДВ, без да спроведе постапка за јавна набавка и без предходно да утврди дали има реална потреба и пишано барање од страна на Општинските изборни комисии за набавка на нови паравани за гласање и на тој начин му овозможил на економскиот оператор да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 771.600 денари, стои во соопштението.

Како што се дополнува, првопријавениот во својство на претседател на ДИК, заедно со второпријавениот, во својство на претседател на Комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК и лице или организациски облик за јавни набавки согласно член 80 од Законот за јавни набавки, третопријавениот, во својство на член на Комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК и четвртопријавениот, во својство на член на Комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК во текот на 2019 година, спротивно на член 99 став 5 и член 141 став 6 од Законот за јавни набавки свесно ги повредиле прописите за јавна набавка со причинување на битна повреда на Законот за јавни набавки. Тоа е направено на начин што, според соопштението, првопријавениот донел и потпишал Одлука за јавна набавка и ја одобрил тендерската документација за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК изготвена од  второпријавениот, третопријавениот и четвртапријавениот, во која одлука и тендерска документација бил предвиден критериум најниска цена. Тоа, стои во информацијата, довело до дискриминација на економските оператори, ограничување на пазарната конкуренција и на тој начин пријавените овозможиле во постапката за јавна набавка да се јави само еден економски оператор со кој е склучен и договор при тоа овозможувајќи му на економскиот оператор да се стекне со имотна корист во вредност од 5.007.920 денари со ДДВ.

-Со ваквите првеземени дејствија пријавените, им овозможиле на економските оператори да се стекнат со имотна корист во вкупна вредност 8.619.790 денари, информира Управата за финансиска полиција.