Маските остануваат задолжителни во здравствените установи, домовите за стари, аптеките и јавниот превоз

– Во здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз и натаму ќе мора да се носат маски, истакна денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Тој претходно ги презентираше двете нови препораки на Комисијата, кои се однесуваат на укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор и епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите. Посочи дека задолжителното носење маски го укинуваат, но повторно препорачуваат маски да носат возрасните, тие што се имунокомпромитирани и тие кои се со хронични болести.

– За нив препораката останува. Значи, нема задолжение, но има препорака, бидејќи носењето маска е ефикасна мерка за заштита од пренесување и за заштита на здравјето, рече д-р Петличковски.

Според портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ, здравствените објекти се местата каде е најголема веројатноста да има трансмисија на вирусот, затоа што има заболени лица, има симптоматологија, што е слична и на вообичаените настинки и на грипот, а омикронот е со таква слична симптоматологија, не може да се диференцира од останатите болести.

– Важно е да се носи маска, за да немаме тука трансмисија на вирусот која би била зголемена, а имаме зголемен ризик од пренос на вирусот во овие простории. Возрасните лица, тие кои се над 65 години особено тие што се по старечките домови беа најмногу изложени на ризик во време на оваа варијанта на омикрон и затоа треба и кај нив да бидеме навистина внимателни за да не се доведеме до дополнителни ризик фактори кои би можеле да ни го загрозат здравјето. Јавниот превоз знаеме во каква состојба е. Сега имаме голема концентрација на луѓе во затворен простор, блиску се едни до други, таму дефинитивно треба да остане маската уште некој период за користење. Тоа се основните причини кои ги разгледувавме денеска на Комисијата за заразни болести како важни елементи кои не смееме да ги занемариме во однос на тоа кога се уште носиме одлука да продолжи да важи задолжителното носење на маски, додаде д-р Мехмедовиќ.