ССМ со поддршка за најавените протести и штрајкови на гранските синдикати за зголемување на платите

– Сојузот на синдикати на Македонија целосно ќе ги поддржи најавените протести и штрајкови за зголемување на платите од најмалку 2.800 денари и ги става на располагање своите капацитети.

– Претседателството на ССМ на денешната седница едногласно донесе одлука ССМ да ги стави на располагање сите капацитети во насока на поддршка, пред се, на братските грански синдикати здружени во ССМ и да застане рамо до рамо во спроведување на активностите (протестите и штрајковите) кои ги преземаат синдикатите за зголемување на платите на работниците за најмалку 2.800 денари согласно зголемувањето на минималната плата како во приватниот, така и во јавниот сектор, се вели во соопштението од ССМ.

Од ССМ уште еднаш побараа да не се тактизира со усогласувањето на останатите плати со минималната плата. Доколку се тактизира, како што се наведува во соопштението, чекорите што ќе бидат преземени во наредните денови, ќе бидат чисто работнички и синдикални за изразување на работничкото незадоволството, за што одлука ќе биде донесена во петок на седница на Претседателството и Советот на ССМ.