Стопанската комора ги засилува активностите за промоција на медијацијата

– Стопанската комора на С. Македонија почнува повеќе активности за поголема промоција и афирмација на придобивките од медијацијата. Во тоа, како што соопшти, е институционално поддржана од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) – групација на Светска банка –

-Во услови на нарушена ликвидност на компаниите, со цел рационализација на нивните трошоци, зачувување на добрите деловни односи со партнерите и поголема предвидливост на настаните во следниот период, како една од најповолните алатки за решавање сегашен или иден спор на компаниите особено се препорачува користењето на медијацијата. Неопходно е да се дејствува во насока на јакнење на довербата на бизнис-заедницата во медијацијата, што, покрај промовирање на придобивките (ефикасност, економичност, доверливост на постапката и други), бара промовирање и вклученост на сите други институции кои имаат интерес да ја поддржат медијацијата преку разни кампањи, медиуми/интервјуа/настапи, бесплатни медијации, преку тркалезни маси, со цел согледување на предностите од медијацијата, бесплатни пилот-медијации по сектори и слично, наведува Комората.

Посочувајќи зошто е корисна постапката на медијација, Комората објаснува дека во процесот нема победници и губитници, нема наметнување решенија и нема потреба некој друг да одлучува наместо страните во постапката.

-Самите страни, со помош на трето неутрално лице, лиценциран медијатор, заеднички наоѓаат и доаѓаат до конструктивно прифатливо решение. На суд речиси секогаш едната страна губи, а другата победува, додека, пак, во процесот на медијација сите страни во спорот се согласуваат на решение што им одговара ним, односно сите се победници. Всушност, медијацијата ја надополнува и ја олеснува судската постапка и може да започне како нејзина алтернатива. Доколку во првостепената судска постапка за одредени видови спорови (медијабилни) судијата утврди дека е погодно спорот да се реши по пат на медијација, на страните може да им ја препорача таа опција, истакнува Стопанската комора и потсетува дека во Комората на медијатори на Република С. Македонија во моментов се запишани 46 лиценцирани медијатори.

На 15 јули 2016 година во Стопанската комора на Македонија се формираше првата Асоцијација за поддршка на медијацијата (АПМ) која е прва од ваков вид во земјава. АПМ досега има организирано повеќе од 40 бесплатни семинари за придобивките од медијацијата пред бизнис-заедницата и има опфатено повеќе од 1.000 учесници претставници од компаниите и други заинтересирани страни.

Новиот Закон за медијација во РСМ е во сила од 4.1.2022 година, а целта е приближување на земјата кон ЕУ, која, во ситуација на разрешување конфликтни и спорни ситуации, акцентот го става врз алтернативното решавање на споровите и врз медијацијата како еден од нив.

Прва заедничка активност на Стопанската комора и на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во следниот период ќе биде организација на тркалезна маса „Посткризно КОВИД 19 заздравување на економијата – предизвици и изнаоѓање нови алатки и можности за помош на фирмите, со вклучување на медијацијата и на новите процедури предвидени со новиот Закон за инсолвентност“.