Шефот на хрватската дипломатија побара од Србија да се усогласи со политиките на ЕУ

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман и порача на Србија дека е време да се усогласи со надворешната политика на Европската унија, јави дописникот на МИА од Белград.

-По неодамнешните избори, очекуваме Србија да води надворешна политика која е во согласност со европските вредности и принципи, изјави Грлиќ Радман денеска при пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, на кој ќе се разговара за ситуацијата во Украина.

Тој кажа и дека на средбата ќе ја нагласи важноста на стабилноста на Западен Балкан и дека во текот на дискусијата ќе го постави прашањето за ситуацијата во БиХ, која, како што рече, е во „политичка криза“.

-Ќе ја истакнам и важноста на стабилноста на Западен Балкан. Босна и Херцеговина е навистина во политичка криза и законитоста и интегритетот на претстојните избори мора да се обезбедат преку новиот изборен закон, порача Грлиќ Радман.

Преговорите за измените на Изборниот закон на БиХ завршија по девет месеци, на 20 март, без резултати.

На денешната средба, освен за ситуацијата во Украина, треба да се разговара и за потенцијалните последици од руската агресија врз Украина и на Западен Балкан, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка, Унгарија, Словачка и Словенија побараа стратешка дискусија за ситуацијата во регионот, наведува РСЕ, истакнувајќи дека тие во писмото навеле дека расправата е неопходна бидејќи геополитичката ситуација драстично се променила поради неиспровоцираната агресија на Русија врз Украина.

-ЕУ мора да стори сé што е можно за да спречи какви било нарушувачки ефекти од нападот врз Украина на Западен Балкан. Затоа, поитно е од кога било да се даде нов поттик и кредибилитет на процесот на европските интеграции на регионот, се вели во писмото.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*