МЗТ Скопје подготвен за завршниот турнир во АБА 2

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром од утре до недела ќе биде домаќин на завршниот турнир од регионалната АБА2 лигата на кои ќе учествуваат осум екипи.

Сите учесници ќе атакуваат на првото место кое носи директен пласман во АБА 1 лигата, но „Сините“ од Аеродром, како првопласирани по основниот дел и како домаќини на турнирот важат за прв фаворит.

Организацијата на турнирот ја помогна општина Аеродром како еден од главните спонзори на македонскиот шампион.

– Добивањето на организацијата на овој турнир е добра можност за нашиот МЗТ Скопје да се покаже како добар домаќин. Овој турнир е од хуманитарна природа и сите средства што ќе бидат собрани од продажбата на билетите ќе бидат наменети за фондацијата „Марко Божиновски“ која се грижи за спортот во Аеродром. Очекуваме одлична спортска атмосфера и преполни трибини. Благодарност за помошта на Град Скопје и АБА 2-лига која ни ја довери организацијата. Како човек кој израснал со МЗТ Скопје се надевам на пласман на нашиот клуб во АБА 1, изјави градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

На успешен турнир и освојување на трофејот се надева и извршниот директор на клубот, Филип Ѓоревски.

– Ја прифаќаме улогата на фаворит на овој турнир. Се надеваме на финале и пласман во АБА 1 лигата. Сите играчи во тимот се подготвени да го дадат максимумот. Нашата цел е чекор по чекор да се вратиме во елитата, истакна Ѓоревски.

На заедничката прес-конференција, присуствуваше и извршниот директор на АБА 2 лигата Милија Војиновиќ кој изрази задоволство од условите кои им се понудени на учесниците на Ф8 турнирот.

– МЗТ Скопје е еден од нашите редовни учесници во АБА 1 и АБА 2 лигата. Тимот го освои првото место по регуларниот дел и заслужено ја доби организацијата. Сите осум екипи ќе се борат за трофејот и директен пласман во АБА 1. Поразениот финалист ќе игра бараж со 13-пласираниот од АБА 1. Во сезоната се одиграа 98 натпревари и сега се се сведува на овие седум преостанати, потенцира Војиновиќ.

На денешниот собир беше промовиран победничкиот пехар и медалите наменети за најдобрите сезонава во ова регионално натпреварување.

Четвртфиналните натпревари се играат утре, полуфиналните в петок, а в недела е големото финале.

Двојки за четвртфиналето:
Борац Бања Лука – Младост
Хелиос – Златибор
МЗТ Скопје Аеродром – Сутјеска
Широки – Спарс.

Билетите за еден меч се продаваат по цена од 100 денари, додека цената за блок карти за целиот турнир 300 денари.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*