Експерти од Шумарски факултет ќе работат со Град Скопје за зачувување и зголемување на зеленилото

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и деканот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, проф. др. Кирил Сотировски Скопје, потпишаа Меморандум за соработка за овозможување унапредување и развој во областа на шумарството, заштитата и унапредувањето на животната средина, вклучувајќи ги аспектите кои се однесуваат на урбано зеленило, теренската и научноистражувачката работа, како и обуки за трансфер на знаења во наведените области.

– Системски пристапуваме кон заштитата на постојното зеленило во градот, кон планирањето и подигањето нови зелени површини, засадувањето нови дрвја и заштита на животната средина. Како резултат на оваа нашата соработка се формираат работни групи во кои учествуваат стручни лица од секторите за комунални работи и заштита на животната средина од Град Скопје, од ЈП Паркови и зеленило и Шумарскиот факултет кои ќе работат на проценка на дрвјата во градот. Со овој пристап нема да дозволиме да се отстрани ниту едно здраво дрво, а дополнително со соодветна поддршка во форма на трансфер на знаења од факултетот, ќе се обозможи новите дрвја да бидат квалитетно и успешно засадени. истакна градоначалничката Арсовска, на потпишувањето на овој значаен документ.

Согласно меморандумот,  како што информираат од Град Скопје, ќе соработуваат со Факултетот при спроведување проекти во областа на зеленилото и заштита и унапредување на животната средина, вклучувајќи ги следните аспекти: урбано зеленило (урбана дендрофлора, проектирање и подигање на зелени површини), заштита и одгледување на урбано зеленило и цветни култури, проценка на здравствена состојба на растенија, фитопатолошка и ентомолошка заштита, педолошки анализи и производство на декоративни садници, парковски инфрастуктурни објекти и елементи, вонградско зеленило (планирање, пошумување и одгледување, здравствени аспекти на зеленилото, заштита на шумите и зеленилото, екологија и одржлив развој, заштита на земјиштето од ерозија, уредување на поројни водотеци и рекултивација на копови, депонии и јаловишта со акцент на биолошките аспекти, управување со опасности и ризици од некои природни непогоди, периурбана дендрофлора), машини и механизација, датабази за зеленилото, социоекономски аспекти на зеленилото, стратегиска оцена и оцена на влијание врз животната средина и теренска и научноистражувачка работа, како и обуки за трансфер на знаења во наведените области.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*