Реакции по отворањето на бугарскиот клуб во Битола – не е добрососедство именување установа по соработник на фашизмот, се очекува ист пристап и за граѓаните со македонска самосвест

Именувањето установи од областа на културата на докажан соработник на фашистичкиот режим не служи на добрососедството. Во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Владата на Република Северна Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања. Ова се дел од реакциите на македонскиот државен врв по повод присуството на бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова, на отворањето на клуб при бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Во делот од реакциите од политичката јавност овој настан се толкува како навреда и провокација кон македонскиот народ, а во исто време дури и се бара и редефинирање на стратегијата за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Претседателот Стево Пендаровски во својот став за отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, наведува дека иако отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет е чекор кон зближување на народите и нивните култури, именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не и служи на таа благородна кауза.

– Не спорејќи ја добрата намера на премиерот Петков, вчера во Битола во составот на бугарската делегација беа и двајца претставници на поранешната власт во Софија кои беа најгласни противници на македонскиот пат кон Европа. Со самото нивно присуство и изјави беа минимизирани пораките за добрососедство и соработка кои беа испратени од бугарскиот премиер, наведува Пендаровски.

Во својот став тој наведува дека „во 2017 година, идејата да се формира комисија составена од историчари беше да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ“.

– За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока, наведува претседателот Стево Пендаровски во својот став по повод отворањето на клубот на бугарското здружение во Битола „Ванчо Михајлов“, на кое присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, во изјава за МИА посочи дека Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани, но очекува ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание.

– Се работи за контроверзна историска личност, која во Република Северна Македонија е доживувана на различен начин од различни групи на граѓани. Сепак, бидејќи се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права, со која ние сме целосно усогласени, ваквите проекти не се предмет на државен надзор. Во Република Северна Македонија е овозможено сите граѓани слободно да ги практикуваат своите етнички, религиски и идеолошки убедувања, вели Ковачевски во изјава за МИА на прашањето да го искоментира отворањето на ккубот при културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Тој пристап, додава премиерот, е нешто зад кое ние како Влада стоиме и ќе продолжиме да го практикуваме и понатаму, бидејќи, вели, тоа е нашиот белег и како држава и како општество.

– Воедно и Владата на Република Северна Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања, изјави премиерот Ковачевски за МИА.

Премиерот Ковачевски во исто време во интервју за грчкиот весник „То вима“, вели дека долгорочното одложување на европската интеграција влијае на евроскептицизмот и недовербата во целина, проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја стабилизира демократијата. – Многу е важно Северна Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ без одлагање, вели тој,  истакнувајќи дека особено во контекст на војната во Украина, важно е процесот да започне без ден одлагање.

Демократскиот сојуз, пак, смета дека стратегијата на државава за започнување на пристапните преговори за полноправно членство во Европската Унија е во колапс и истата треба да се редефинира.

– Предлагаме министерот за надворешни работи Бујар Османи, да го информира Парламентот за сите аспекти на нашите евроинтегративни процеси, како и за разговорите со Бугарија, наведува ДС.

ДС натаму наведува дека со Бугарија треба да градиме добри односи на реципрочна основа и да ги отфрлиме нерационалните историски барања, кои некореспондираат со историските факти и 21 век.

Професорот Денко Малески во колумна наведува дека добрите односи меѓу двете држави и двата народи ќе зависат од исправното читање на историјата не само на Македонците, туку и на Бугарите.

– Несреќен е изборот на претседателот на владата на Бугарија Кирил Петков да дојде на чествување на клубот на Бугарите „Ванчо Михајлов“. Имено, иако има личности кои ја обележуваат заедничката историја на денес посебните народи, македонскиот и бугарскиот, како Гоце Делчев и раководството на ВМРО во Отоманска Турција, Ванчо Михајлов е личност која не разединува, наведува Малески.

Светските енциклопедии, потсетува тој, пишуваат дека Иван Михајлов, последниот водач на ВМРО, се идентификува себеси со бугарскиот национализам и „историската национална држава на Бугарите“, која ја опфаќа и Македонија.

– Активен соработник со фашистичка Италија на  Мусолини, со Унгарија на генералот Хорти и со нацистичка Германија на Хитлер, ја менува тактиката на својата организација насочувајќи ја кон индивидуални терористички акции. Така тој се спротиставува на српската окупација на Македонија, а најпознатата терористичка акција била убиството на кралот Александар со помош на усташите од Хрватска. Во последната фаза на Втората светска војна, пишуваат светските енциклопедии, тој, во недостиг на силна воена поддршка од Германија, се откажува од идејата да застане на чело на независна македонска држава, творба на Хитлер. Противник на македонската нација, Ванчо Михајлов, останува верен на своето мото дека е Бугарин од Македонија, додава Малески.

Ова последното, наведува Малески, било доволно за основачот на клубот на Бугарите во Битола да го нарече „Ванчо Михајлов“.

– Но, за македонската страна тоа е навреда на антифашистичката борба на македонскиот народ кој во сојуз со другите југословенски народи ја конституира својата држава и нација. Добрите односи помеѓу двете држави и двата народи ќе зависат од исправното читање на историјата не само на Македонците туку и на Бугарите, нагласува професорот Малески.

Политичкиот аналитичар и некогашен амбасадор во Бугарија Ѓорѓи Спасов, пак, вели дека „не можеше Петков да избере полош лик од Михајлов и подобра бугарска делегација во која се Каракачанов и Захариева, за политичка провокација па и омаловажување на сите напори за приближување кон ЕУ што ги прави Македонија“.

– Мораше некој официјално да го извести дека ние и тоа можеме да го поднесеме, но не е начин за помирување. Ако треба антифашистот Тито да го заборавиме, а фашистот Михајлов да го славиме како услов за влез во ЕУ и за кревањето на ветото од Бугарија тоа вистина ќе потрае или никогаш нема да се случи.

Сега е ред, оценува Спасов, официјална делегација од Македонија со претставниците на ОМО илинден на 20 ти април да отиде на гробот на Јане Сандански на Пирин и да отвори клуб на Македонците во Сандански кој ќе биде мост во соработката меѓу двете земји.Само за да се тестира бугарската и европска толеранција.
Професорот Тони Дескоски во реакцијата за отворањето на културниот клуб на Бугарите „Ванчо Михајлов“, вели дека „да му се прави клуб на Хитлеровиот квислинг е обично потсмевање со НОБ и со антифашистичките традиции на македонскиот народ“.
– И да сме на јасно, ова не е проблем само на бугарскиот премиер (иако тој би морал да е свесен дека Михајлов е Хитлеров и Павелиќев квислинг и да одбие да учествува во ваква ујдурма), туку е проблем на нашата држава. Фашизмот ни се повампирува на голема врата, а никој не е надлежен, наведува Дескоски.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски во објавата на социјалните мрежи го оцени отворањето на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ и посетата на бугарската делегација во Битола, за таа цел, како провокација кон македонскиот народ.

Димитриевски упати порака и до македонскиот владин врв да ја преиспита работата на министерот Османи.

Тој потсетува дека на работна средба во Бугарија за ИПА програмата, премиерот на Бугарија Кирил Петков се согласил со неговиот став дека братски народи не се блокираат туку се поддржуваат. Тој прашува дали премиерот на Бугарија знае кој е Ванчо Михајлов и како се доживува во земјава, за што вели има непобитни историски факти.

– Дали Петков знае кој е Ванчо Михајлов? Накратко кажано тој е еден од најголемите негатори на постоењето на македонскиот народ и државност, фашистички соработник и противник на антифашистичката борба на македонскиот народ и другите сојузнички народи во Втората светска војна и промотор на тезата за голема Бугарија во која ја присоединува и територијата на денешна (Вардарска Македонија), оваа се лесно проверливи и меѓународно потврдени историски факти, вели Димитриевски.

Во меѓувреме, потпретседателката Илијана Јотова, во изјава за медиуми за време на посетата на Охрид, кажа дека во бугарскиот устав нема малцинства и тој почива на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното.

Во однос на тоа дека Бугарија бара признавање на правата на Бугарите во Северна Македонија, додека од друга страна не ги признава правата на Македонците во Бугарија за што има и пресуди од судот во Стразбур, Јотова, рече „ние немаме малцинства во нашата земја, додека кај вас е различно, и како што видовме со последниот попис сте една повеќенационална земја“.

– Повеќе години сум работела во Советот на Европа и ЕУ и ќе ви кажам дека тоа што го цитирате од Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш во него не пишувало дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство. Така што, никогаш никој и по никој основ не барал и нема да бара Бугарија да признае, какво и да е малцинство, бидејќи во Стразбур се почитува бугарскиот Устав, изјави Јотова во одговор на новинарско прашање.

Јотова, исто така, нагласи дека Бугарија ќе продолжи да работи за заштита на правата на бугарските граѓани во земјава и дека Бугарија нема да каже „да“ за членство во ЕУ се додека овие прашања не бидат регулирани.

– Кога зборуваме за гаранции, тие не може да бидат усни. Пет години по потпишувањето на Договорот за добрососедство ништо не е направено. Така што, за нас, најсериозните гаранции ќе бидат гаранциите на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, изјави Јотова.

Прашана дали главниот проблем за тргање на бугарското вето за Северна Македонија во ЕУ е впишувањето на Бугарите во уставот на земјава, Јотова рече „не е само тоа“.

– Ако добро го познавате Договорот за добрососедство меѓу двете земји ќе знаете дека ништо по тие прашања внатре не е направено во последните пет години. Прво, поставените услови за одредени текстови во учебниците од средно, кои треба да бидат дефинирани од Историската комисија меѓу двете земји и тие соодветно да бидат вметнати во учебниците. Второ, ние бараме отворање на архивите за случаите со лицата кои покажале бугарска самосвест и на трето место, тоа што за мене е исклучително важено, е скрнавењето на спомениците, изјави Јотова.

Во однос на членството на земјава во ЕУ, Јотова посочи дека станува збор за исполнување критериуми на патот за членство, исто како и секоја друга земја на тој пат.

Јотова го посети Културно-информативниот центар „Балкански хоризонти“, а положи и цвеќе пред спомен обележјето на 15-те бугарски туристи, кои загинаа во бродска несреќа во Охридското Езеро во 2009 година. Го посети и Дневниот центар за деца со аутизам во Охридската болница. 

Од Бугарија во исто време дојде порака и од претседателот на пратеничката група на „Има таков народ“ во бугарското Народно собрание Тошко Јорданов дека неговата партија нема да дозволи тргање на ветото за Северна Македонија до крајот на француското претседателство со Европската унија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*