Арсовска: Град Скопје го регулира статусот на лицата корисници на куќарки на кеј за истите да бидат правно заштитени

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вечерва истакна дека Градот го решава проблемот со куќарките на кејот на Вардар бидејќи, како што кажа, лицата кои до сега стопанисувале со овие куќарки од 2018 се оставени без договор и цели четири години работеле без регулиран стату.

Тие, посочи Арсовска, преку нов јавен повик ќе имаат можност да добијат договор и бидат правно заштитени.

– Она што Град Скопје во овој момент го прави е регулирање на нивниот статус, односно примопредавање на куќарките и преку соодветен јавен повик тие ќе може да аплицираат и да добијат соодветен договор. Вака ќе бидат заштитени. Имавме конструктивен состанок со нив, знаат која е намерата на градот и не станува збор само за тие неколку куќарки на кејот на Вардар, туку станува збор за 22 лица со таков нерегулиран статус на повеќе потези низ централното градско подрачје, истакна Арсовска во вечерашното гостување на Канал 5 телевизија.

Таа додаде дека на средбата во градот, биле истакнати многу проблеми од страна на овие лица, потенцирајќи дека тоа се проблеми наталожени од изминатите неколку години, пред се, затоа што некој не сакал да им го реши нивниот статус.

– Се случило и кршење на нивните куќарки, некој се обидел да ги оштети и украде нешто од таму. Едноставно, тие немаат како да се легитимираат за да се заштитат, затоа што некој не им овозможил да имаат договор. Ние се обидуваме правно да ги заштитиме со договор да немаат само обврски, туку да имаат и права, рече Арсовска.

Градоначалничката се осврна и на Старата скопска чаршија, за која, како што рече Градот изготвува акциски план за заживување.

– Град Скопје отпочна со изготвување на анализа во Старата скопска чаршија. Тимови од градот извршија увид, во текот на наредните недели ќе ја презентираме анализата со конкретен акциски план за тоа што ќе се прави во Старата скопска чаршија, во кој рок и како ќе придонесеме да се подобрат содржините и таа да заживее, изјави Арсовска.

На прашањето што конкретно се барањата на граѓаните, Арсовска истакна дека тие не бараат многу. Напротив, како што рече, потребни им се основни услови за работење.

– Барањата на граѓаните не се мегаломански. Бараат основни услови за подобро да работат и да функционираат. Бараат начин како да заживее чаршијата и токму тоа е она што ние сакаме да го направиме, дополни Арсовска.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*