Спомен-соба за уметникoт Омер Калеши во Центарот за култура во Кичево

Центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево за да му се оддолжи на штотуку починатиот уметник Омер Калеши (1932-2022), роден во кичевското село Србица, планира да отвори галерија-музеј со дела создадени од големиот уметник, кој последните пет децении од својот живот ги помина во Париз.

-Идејата стара повеќе од десетина години на познатиот уметник родум од овој крај, Омер Калеши да му се отвори катче каде ќе доминираат неговите дела, очекуваме да биде имплементирана во наредните неколку години. Ние за оваа потреба подготвивме и проект во 2020 година кој беше подржан од Министерството за култура со 2000.000 денари , кој поради пандемијата не успеавме да го реализираме, изјави директорот на Центарот за култура во Кичево, Мазлам Османи и најави нов проект за реализација на оваа идеја.

Тој информира дека планираат и наредните години да аплицираат со уште еден сличен проект, кој ќе придонесе да се адаптира простор во Центарот за култура, каде ќе бидат сместени дел од ликовните творби на познатиот уметник. Османи потсети дека Омер Калеши во два наврати, во 2018 година, кога му беше доделена државната награда„ Мајка Тереза“ и во 2019 година, го посетил Центарот за култура во Кичево, кога му биле предочени плановите за адаптација на галерија-музеј во негова чест.

-Калеши со одобрување ја прифати нашата идеја и уште тогаш сакаше да остави 25 свои дела со голем формат, кои ќе бидат дел од трајната поставка во  музеј- галеријата, отворена во негова чест.Сега по неговата смрт, очекуваме оваа идеја уште повеќе да се актуелизира и во наредните години во нашиот објект да ја добиеме оваа галерија-музеј на светски познатиот уметник,.додаде Османи.

Посочи дека отворањето на оваа  галерија-музеј ќе придонесе Центарот за култура да биде уште повеќе афирмиран и да почнат да го посетуваат домашни и странски туристи бидејќи Омер Калеши, како што рече, беше континентално познат уметник, кој имаше организирано изложби и во најпрестижните уметнички галерии на континентот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*