Закани до Санду по забраната на воениот симбол „Z“ во Молдавија

Руски лидери остро реагираа на забраната на прорускиот воен симбол „Z“ во поранешната советска република, Молдавија, јави ДПА.

Рускиот сенатор Алексеј Пушков ѝ се закани на претседателката на Молдавија Маја Санду, дека нејзината земја може да заврши во „кантата на историјата“.

„Таа би требало да биде повнимателна околу Русија и нејзините симболи, уште повеќе затоа што Кишињев не може да плати за рускиот гас“, напиша Пушков на Телеграм.

Молдавија, која се наоѓа меѓу Украина и Романија, бара членство во Европската Унија. По руската инвазија на Украина, Кишињев за Киев испрати хуманитарна, но, не и воена помош. Во конфликтот, земјата се декларираше како неутрална и не учествува во санкциите воведени против Русија, потсетува ДПА.

Но, оваа недела, Кишињев ги забрани симболите „Z“ и „V“, употребувани во знак на поддршка за руските војници кои ја напаѓаат Украина, како и Георгиевската лента, што се смета за ознака на поддржувачите на рускиот претседател Владимир Путин, но и на проруските сепаратисти во Украина.

Санду ја оправда забраната, тврдејќи дека симболите го делат општеството. Според неа, нивното место е во „ѓубриштето на историјата“. Одговорот на Пушков се однесува на овој став. Сенаторот се смета за еден од најгласните поддржувачи на руската надворешна политика.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*