Настанот во Битола ги разбуди духовите од минатото, ниедна од страните не смее да прави чекори назад за да не се наштети долгорочно на односите Скопје-Софија

Со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме. Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет и македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокации кои ги повредуваат нашите чувства ја загрозуваат таа определба. Имаме стратешка цел за влез во ЕУ, но достоинствено со својата национална гордост и посебност. Вака премиерот Димитар Ковачевски синоќа се обрати до јавноста во врска со отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, што предизвика голем број реакции во македонската јавност.

Претходно, на брифинг со новинарите, шефот на диппломатијата Бујар Османи во реакција за настанот во Битола, на кој бугарска делегација предводена од премиерот Кирил Петков присуствуваше на отворањето на културен клуб со името на соработник на фашистичкиот режим „Ванчо Михајлов“, кажа дека провокација е името на клубот, а не неговото отворање и оти со ова сигурно е ставена дамка на односите, на разговорите, но оти не може да се дозволи тоа да го урива процесот.

Во исто време, Европската комисија без коментар за контроверзното име на клубот, како и за билатералните услови во процесот на пристапување во ЕУ.

– Од првиот ден на мојот мандат како премиер, реков дека не отстапувам од тоа разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија да се водат достоинствено и во духот на европските вредности. Кон оваа определба се придржувавме цел овој период. Реализиравме конкректни заеднички проекти, ги подобривме односите и го намаливме говорот на омраза. За жал, со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме. Оттука, целосно го разбирам и чувствувам гневот на граѓаните во изминатите денови, нагласува Ковачевски во обраќањето.

Нашата држава, додава тој, ја стекна својата независност по Втората светска војна во која граѓаните учествуваа во антифашистичката народноослободителна војна.

Тој верува дека треба да се работи на зајакнување на дијалогот и унаредување на односите меѓу двата народи до конечно решавање на спорот.

– Но, за тоа да биде успешно, ниедна од страните не смее да прави чекори назад. Не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези кои значат еднодневна политичка корист, а долгорочна штета на кревките односи кои ги градиме. Северна Македонија ќе ги продложи реформите во сите области со кои ќе ја подготвиме земјава за полноправно членство во Унијата. Тоа се процеси кои ги водиме за наше добро, за развој на нашата земја и подобри услови за граѓаните, вели премиерот Ковачевски.
Османи, пак, истакна дека настанот не е спорен за властите да го забрануваат неговото одржување, бидејќи, вели тој, така би се дало алиби на главниот наратив на тие што сакаат да го нарушат преговарачкиот процес – дека се загрозени човековите права на Бугарите во Северна Македонија и дека државава води антибугарска политика.
– Државата се однесуваше така како што треба и така како што се интересите на оваа држава и на нејзините граѓани. Провокација е името на клубот, но не отворањето на клубот и за тоа мора да направиме разграничување, изјави Османи.

За тоа дали е прекршен преговарачкиот процес со Бугарија, Османи рече „сигурно е ставена дамка на односите, на разговорите и на преговорите“, но оти не може да дозволи тоа го урива процесот.

– Еве ќе кажам иако тоа не е во ред, тоа можам да го кажам само на маса, не по медиуми. Ние не можеме да ги внесеме Бугарите во Уставот пред почетокот на преговорите и тоа нема да се случи и тоа го кажувам година време. Не заради тоа што не сакаме, едноставно не можеме, изјави Османи.

МНР, посочи тој, не реагира по емоции, туку по стратегијата и интересите на државата – оваа земја да биде членка на ЕУ, штитејќи ги интересите и позициите утврдени од Парламентот.

Според Османи, дел од присутните на настанот во Битола имале и намера да испровоцираат наша реакција и да покажат пред светската јавноста дека овде не се почитуваат човековите права.

Дадовме јасна порака, нагласи Османи, што не бевме присутни таму, и нема да бидеме се додека тоа име стои на клубот и додаде дека тоа што дипломатијата не можеше со месеци да го објасни што всушност правиме ние, се објасни за еден час.

На прашањето дали ќе побара отворање на македонски клуб во Бугарија, Османи одговори дека во Софија веќе има Културно-информативен центар на Северна Македонија. – Така што, не може ние да отвораме, можат заедниците, Македонците да отворат клубови, посочи тој.  

Османи повтори дека барањето за посета на бугарската делегација на отворањето на културниот дом во Битола, пристигнало од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, а потоа се приклучил и бугарскиот премиер Кирил Петков.

–  Се разбира дека една од нашите претпоставки беше дека посетата, токму на центар кој носи име што овде е контроверзно може да има и задни намери, дека спорот е спор за човекови права и дека бугарската заедница не ги ужива своите права тука и не ги исполнуваме Копенхашките критеруми, изјави Османи.

Тој  нагласи дека отворањето на клубови на бугарската заедница е апсолутно неспорно во Република Северна Македонија.

Во меѓувреме, Европската комисија повтори дека останува на ставот дека Бугарија и Северна Македонија треба да изнајдат „заедничко прифатливо решение“ за спорот, но одби да даде коментар за билатералните услови во ЕУ процесот, јави дописничката на МИА од Брисел.

МИА вчера на редовниот брифинг за новинари на ЕК побара коментар како за посетата на бугарската владина делегација во центарот во Битола кој го носи името на контроверзниот Ванчо Михајлов, како и коментар за најавата за нова блокада на ЕУ патот од страна на Софија.

Портпаролката Ана Писонеро ги повтори истите познати реченици за „заедничко прифатливо решение“.

– Нашата дамнешна позиција е дека и Северна Македонија и Албанија ги исполнија условите за почеток на пристапните преговори, како што знаете следните чекори се во рацете на Советот, од наша страна јасно продолжуваме да ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија да постигнат заеднички прифатливо решение за постоечките билатерални прашања и се надеваме дека ќе видиме што е можно поскоро отворање на формалните пристапни преговори со двете земји, што поскоро, повтори Писонеро.

Останува неодговорено прашањето дали условите што ги поставува Софија – промена на Уставот пред стартот на преговорите со ЕУ, промена на учебниците, итн. – се услови што ги одобрува ЕК иако е јасно дека тие не се дел од Копенхашките критериуми, кои Комисија е должна да ги почитува како чувар на Повелбите на ЕУ.

Бугарија ја отфрла предложената преговарачка рамка на Европската комисија и планира повторно да ја блокира Северна Македонија во јуни поради билатерални прашања поврзани со историјата и културата, кои никогаш не биле дел од ниту една преговарачка рамка.

Албанија сега бара да биде одвоена од Северна Македонија, одвојување што го поддржува Бугарија, но не и голем број други земји членки на ЕУ. Писонеро на ова повтори дека позицијата на Европската комисија е дека двете земји заслужуваат старт на преговори.

Европската комисија не коментираше за посетата на бугарската делегација во контроверзно именуваниот центар во Битола, а не реагираше ниту на осудата од страна на Еврејската заедница на Северна Македонија. 

Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, смета дека Софија треба да ја ревидира позицијата кон Скопје.

Според него, евроинтеграцијата на Северна Македонија и другите балкански земји може само да придонесе Бугарија и целиот регион да се чувствуваат посигурни, особено во ситуација на воен конфликт на европскиот континент.

За известувачот на Република Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, европските гаранции се единственото решение за отворените прашања, пренесува БНР.

Петар Тодоров, член на Историско-образовната мешовита комисија, коментирајќи го настанот во Битола изминатиот викенд нагласи дека демократијата не дава за право да се навредуваат другите. Бугарија ако сака да сме пријателска држава, треба да ја смени реториката, вели историчарот.

– Има нешто да се каже и ние како се однесуваме кон Бугарија. Иако ова повеќе говори за ставовите на Бугарија, која гради националистичко општество кое по падот на Берлинскиот ѕид негува антикомунизам. Пораката која ја праќа бугарското општество е многу непријатна не само за Македонија, туку и за целата Европа. Тоа е карактеристика и за други држави во регионот, како што е Србија со Дража Михајловиќ. Проблем е оваа политика на Тодор Живков што ја негува Бугарија, кажа Тодоров за „Утрински брифинг“.

Според него, националистичките реторики и наративи се градат преку различни канали и се користат во прват криза што ќе се појави.

– Мислам дека Европа некако бавно реагира на вакви постапки, треба силно да се одговори на крајнодесничарските елементи кои ги релативизираат жртвите од Втората светска војна. Тоа го стори и самиот Европски парламент кога ги изедначи фашизмот и комунизмот за да можат да се рехабилитираат некои антикомунистички личности, вели Тодоров.

Тој вели дека државава покажа зрелост да нема реакција која би довела до немили настани.

– Големото мнозинство се согласува дека ова не е во ред и изразува згрозеност. Требало да се направи нешто да не дојде до оваа ситуација. Зошто сме дозволиле формирање здружение со вакво име, оти не е проблем самото доаѓање на делегацијата туку здружението со такво име. И не е првпат. Имавме здружение по име „Радко“ име кое е прекар на Михајлов, а Мара Бунева се чествува од пред десетина години и има комеморации во бугарскиот клуб во Скопје, коментира Тодоров.

Од Министерството за правда вчера за МИА посочија дека не се надлежни за регистрирање на клубот „Ванчо Михајлов“, туку таа надлежност е на Централниот регистар Битола.

Потенцираат дека клубот „Ванчо Михајлов“ е регистриран на 15.03.2019 година во Централниот регистар Битола.

– Лицето Љупчо Ѓорѓиевски достави барање до Министерството за правда на 27.02.2019 година со кое во името на Културниот центар бара одобрение за употреба на името „Иван Михајлов”. Министерството за правда во писмен допис од 15.03.2019 година го информира Ѓорѓиевски дека Министерството не е во можност да издаде одобрение за употреба на името „Иван Михајлов” во име на здружението. Министерството се повикува на фактот што во називот на здружението Културен центар „Иван Михајлов”, кое е е во постапка на основање и регистрирање пред Централен регистар на Република Северна Македонија, содржано е името на историска личност, а имајќи предвид дека не постои регистар на историски личности или било кој друг документ со кој може да се утврди статусот на историската личност  поради што министерството, не може да даде одобрение, велат за МИА од Министерството за правда.

Оттаму информираат дека во тек е подготовка на Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации.

-Формирана е работна група на 16.03.2022 година. Објавен е и јавен пови на веб страницата на Министерството за правда за сугестии и забелешки на граѓански организации и здруженија за предлог измнеите. Целта на законот е подобрување на праввната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на статусот на организацијата од јавен интерес, регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации како и начинот на нивно финансирање, истакнуваат од Министерството за правда.

Рената Дескоска, тогашна министерка за правда, во понеделникот на социјалните мрежи објави дека Министерството не дало одобрение за основање на здружение со името Ванчо Михајлов во 2019 година, по што од Централен регистар соопштија дека практично Министерството се прогласило за ненадлежно, па немале друг избор, освен да го регистрираат Здружението.

– Централниот регистар го зема во предвид известувањето од Министерството за правда за немање регистар за историски личности но, исто така, не е предвидено дека друг државен орган води регистар на историски личности. Или, со други зборови, не постои надлежен државен орган кој може да издаде одобрение за употреба на име на личност, соопштија од Централен регистар.

Тие се повикуваат на членот 49 во кој се вели дека „Согласно член 49 од Законот за трговските друштва – Во фирмата може да се внесе име и презиме на историска и друга позната личност само со согласност на личноста, или, ако е почината, со согласност на нејзините сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда“.

Тие се повикуваат на досегашната пракса, секогаш да добиваат исти известувања од Првада за субјектите кои во својот назив имаат податоци за лично име. Оттаму наведуваат дека не нашле ништо спорно во програмата и статутот на Здружението. Централен регистар исто така оценува дека се неопходни прецизирања на Законот за здруженија и фондации, со кои ќе бидат остранети сите недоречености.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*