Се гради нов објект во градинката „Орце Николов“, можност за згрижување нови 100 деца

Места за згрижување на дополнителни 100 деца ќе бидат обезбедени со доградбата на нов објект во рамки на детската градинка „Орце Николов“ во Општина Карпош, каде во моментов се во тек градежни активности кои треба да бидат завршени до август годинава.

Со доградбата на градинката обезбедуваме зголемување на опфатот на деца за дополнителни 100 места за деца на возраст од 5-6 години со што градинката „Орце Николов“ добива капацитет за вкупно 280 деца од предучилишно образование. Предвидени се четири нови занимални кои ќе бидат опремени со нови дидактички материјали, мебел и соодветна опрема соодветно на возраста на децата, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која денеска беше во посета на градинката.  

Изградбата на новиот објект, нагласи министерката, е во согласност со потребните барања за енергетска ефикасност утврдени по Правилникот за енергетски карактеристики на згради. Притоа, рече, се употребуваат здрави и еколошки материјали и бои за природно осветлување.  

Изградбата на овој објект е врз основа на одобрен гранд на којшто аплицираше Општина Карпош, а кој се реализира преку проектот за подобрување на социјалните услуги којшто се реализира од страна на МТСП поддржан од Светска банка. Проектот е за изградба на нови детски градинки, за проширување на постојните капацитети и пренамена на постојните објекти во детски градинки.  Предвидените работни активности треба да бидат завршени до крајот на месец август 2022 година, по што ќе биде овозможен влез на нови дечиња. Вредноста на инвестицијата за нејзина доградба е 23 милиони денари.  

-Грижата за најмладите, за децата е високо на приоритетната листа на МТСП и на Владата на РСМ. За тоа потврдува посветената работа преку која до крајот на 2022 година МТСП има предвидено отворање на 13 објекти, градинки, со вкупен капацитет на 1.360 нови деца за згрижување во градинките и уште 15 градинки чија изградба е во тек а кои се планирани да бидат отворени во текот на 2023 година со што опфатот на деца ќе биде зголемен за дополнително 1.905 деца, рече министерката за труд и социјална политика.  

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски истакна дека објектот на градинката „Орце Николов“ кој се наоѓа во оваа општина е најзначајниот објект за неа.

-„Орце Николов“ е првата градинка отворена во Република Македонија со Указ на Второто заседание на АСНОМ. Оваа градинка е значајна оваа градинка затоа што овде имаме еден дел што го користат деца коишто не се жители на Македонија, односно се странци, претежно деца на дипломати. Значи, имаме и приватен дел во оваа градинка. Со ова проширување за згрижување на дополнителни 100 деца ние значително ги зголемуваме капацитетите имајќи во предвид дека во моментов 306 најмлади жители на Карпош чекаат за влез во системот на детска заштита, истакна Јакимовски кој заедно со министерката беше во посета на градинката.

Тој потсети дека од јуни во градинките во оваа општина нема да бидат примани деца кои не се нејзини жители.

-Од јуни месец веќе ќе го ускратиме гостопримството за сите оние што не се жители на Општина Карпош и со тоа сметам дека горе долу ќе ги задоволиме потребите на граѓаните на Општина Карпош. Можете да замислите како изгледа кога живеете до градинката, а вашето дете не може да биде згрижено во неа. Апсолутно поздравувам вакви проекти коишто значат зголемување и проширување на нашите капацитети, подобрување на условите за работа и на вработените, како и на згрижувањето на нашите најмлади жители, истакна Јакимовски.

Тој додаде дека во оваа градинка ќе има уште работа, со решавање на фасадата и на дел од кровот. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*