Кулеба: Шлемовите и панцирите се важни, ќе умреме заштитени

Немаме јасен одговор за давање воена помош, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој по вторпат во последните два дена е во бугарскиот парламент, јави Бгнес.

Тој учествуваше на отворањето на изложбата на фотографии „СТОП на војната во Украина“, поставена во европскиот агол на бугарското Национално собрание.

Шефот на украинската дипломатија истакна дека ставот на бугарската Влада и Парламент за помошта за украинските бегалци, европската перспектива на Украина и санкциите против Русија е јасен и важен за неговата земја.

Говорејќи пред членовите на парламентот и медиумите, Кулеба истакна дека оние кои сакаат да и помогнат на Украина секогаш ќе најдат начин.

– Оние кои сакаат да помогнат секогаш ќе најдат начин за тоа. Оние кои велат дека ги штитат целите и принципите треба сега да застанат зад Украина. Секој кој наоѓа причина или аргумент да не преземе таква одлука дејствува во корист на агресијата. Нивните аргументи може да изгледаат рационално, но сигурен сум дека за време на војна, остатокот од светот мора да ја заземе страната на жртвите, а не на агресорите. Затоа се надевам дека овие фотографии ќе им помогнат на некои политичари и членови на владата да замислат што прават овие луѓе и да донесат вистинската одлука. Најдобар начин да се запре војната е да се поддржи Украина, а не да се биде неутрален, изјави Кулеба.

– Почитувани Бугари, животот е тежок и понекогаш треба да донесеме одлука. Не можеме да бидеме во средината и треба да заземеме страна. И оваа земја треба да биде на страната на правдата. Единственото нешто што ќе го кажам е дека треба да донесете одлука, рече Дмитро Кулеба.

Украинскиот министер за надворешни работи рече дека ќе остане во Бугарија додека не добие јасен одговор на неговите барања, пренесе Бгнес.

– Но, ако ви пречам со моето присуство, не грижете се, јас ќе заминам наскоро, рече тој.

Според него, испраќањето шлемови и панцири е важна и добра мерка од политичка гледна точка, „но за време на војна мора да имаш и оружје со кое ќе се одбраниш“.

– На овој начин, кој е политички оправдан од ваша гледна точка, вие сакате да умреме заштитени, ја пренесува Бгнес изјавата на Кулеба.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*