Неделков: Заклучоците на Владата не водат кон решавање на несогласувањата помеѓу СОНК, МОН и МТСП

Штрајкот во училиштата и градинките ќе продолжи сѐ дотогаш додека Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) не се договори со МОН и МТСП и додека не биде потпишана спогодба со која ќе бидат опфатени сите спорни прашања. Претседателот на СОНК Јаким Неделков по седницата на Советот, на која беа анализирани заклучоците од вчерашната седница на Владата, повика на интензивирање на преговорите со конструктивни предлози и час поскоро, како што рече, ќе се усогласат ставовите.

-Советот на СОНК констатира дека заклучоците на Владата не водат кон решавање на несогласувањата помеѓу СОНК, МОН и МТСП односно со Владата. Овој став се темели врз огромниот број дискусии на членовите на Советот, каде што без исклучок се констатира дека со заклучоците на Владата се врши силен притисок врз штрајкувачите… Понудените 10 проценти зголемување на платите во градинките, основното и средното образование по ребалансот на буџетот се „бетонираат“ со заклучокот на Владата и не се остава дополнителен простор за преговори по ова прашање, знаејќи дека членовите на СОНК со скоро 100-процентно изјаснување пред само неколку дена го отфрлија овој предлог. Овој процент на зголемување е дури и помал од предлогот на еден од синдикатите кој предлага, и веројатно ќе успее во тоа без ниту еден ден штрајк, да добие повисока понуда односно 2.800 денари линеарно, истакна Неделков на прес-конференција.

Во однос на барањето на Владата СОНК да одговори врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта, Неделков рече дека се спори правото на штрајк од аспект на запазување на закон и процедура и информираше дека Советот на СОНК на 29 март 2022 донел одлука за организирање генерален штрајк, која е доставена до МОН и МТСП на 4 април 2022 врз основа на барањата за усогласување на платите со минималната плата доставени до МОН и МТСП од 3 март 2022 година. Известувања до градоначалниците и директорите на установите, рече тој, се доставени на 31 март 2022.

-СОНК не чувствува одговорност врз основа на кој акт е прекинат  воспитно-образовниот процес во училиштата и градинките од причина што нема таква надлежност и одговорот треба да се побара на друго место. Тоа значи дека СОНК не ја организира наставата и воспитно-образовниот процес, додаде Неделков.

Советот на СОНК констатирал и дека „одредени министри се обидуваат упорно да ги заплашуваат штрајкувачите дека ќе им бидат скратени дневниците во деновите на штрајк“ и тоа го смета за обид за спречување на штрајкот.

-Освен законското право на исплата на плата при штрајк, постојат и членови во колективните договори со кои се допрецизира исплаќањето дневници за време на штрајк  и во кои се вели дека работодавачот е должен да исплати надомест на плата за работниците за време на штрајк кои учествувале во штрајкот во висина од основната плата на работникот доколку синдикатот организирал штрајк заради кршење на правата на работниците утврдени со закон, колективен договор или акт на работодавачот. Според тоа, не треба да се заплашуваат штрајкувачите дека ќе им бидат скратени дневници за деновите во штрајк, истакна Неделков.

Во врска со заклучокот на Владата за формирање работна група од министри за изготвување колективен договор кои со репрезентативниот синдикат ќе преговара за правата на работниците во јавниот сектор, Неделков рече дека ги наведува на заклучок оти се работи за општ колективен договор во јавниот сектор, што не било барање на СОНК односно, како што рече, произлегува дека „колективните договори за детска заштита, основно и средно образование ќе почекаат“.

-Советот на СОНК веднаш ќе го прекине штрајкот доколку Владата ги почитува законите, и тоа го бара Советот на СОНК – до септември односно до изминување на шест месеци од носење на минималната плата, таа да се усогласи со гранските колективни договори, како што е, впрочем, предвидено во Законот за минимална плата. За волја на вистината, до денешен ден ниту еднаш не е испочитуван овој закон, рече претседателот на СОНК откако денеска биле анализирани заклучоците од вчерашната седница на Владата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*