Османи – Ескобар: Што поскоро надминување на разликите со Бугарија и старт на преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи имаше телефонски разговор со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан при што во фокус биле темите поврзани со  билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, и потребата од што поскоро надминување на разликите меѓу двете земји, и со тоа кревање на рампата за отворање на пристапните преговори со Европската унија.

-Во контекст на актуелните безбедносни предизвици, процесот на проширување на ЕУ претставува безбедносна политика и оттука постигнувањето напредок во евроинтегративните процеси на Северна Македонија е најсигурна инвестиција во стабилноста во земјава и регионот, посочи Османи, соопштуваат од МНР.
Тој притоа упатил благодарност за континуираната поддршка од САД за стратешките цели на Северна Македонија, како и целокупниот придонес за стабилноста и демократскиот развој на Западен Балкан.
Османи ја нагласи потребата за зајакнато американско присуство во нашиот регион како силна гаранција за регионалната и европската безбедност.

Соговорниците ги поздравија билатералните односи и традиционалното партнерство меѓу Северна Македонија и САД и ги разгледаа можностите за понатамошно унапредување на стратешкото партнерство и зајакнување на соработката меѓу двете земји, се наведува во соопштението.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*