Борел: Пченицата може да биде следното економско оружје на Русија

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел укажа на неопходноста сите држави-членки на ЕУ да се ослободат од енергетската зависност од Москва. Според него, пченицата би можела да биде следното економско оружје на Русија.

Признавајќи дека сè уште не е постигната едногласност меѓу членките по однос прашањето на енергетската зависност од руските ресурси, Борел во изјава дадена за шпански „Ел Паис“ како опција понуди доброволно откажување од фосилните горива.

Тој, исто така, инсистира на продолжување на поддршката во оружје за Киев.

„Излезот од конфликтот мора да се реши на бојното поле“, вели тој, притоа посочувајќи на, како што рече, „неуспехот на иницијалниот обид на Русија за блицкриг“.

„Не успеаја да го заземат Киев. Тие мораа да се повлечат, да ја сменат тактиката и да ги концентрираат силите во Донбас. Засега губат. Украинците ќе мора да платат висока цена: имаат голем број жртви, инфраструктурата е уништена, цивилите бегаат или гинат. Сепак, плановите на Русија пропаднаа. Да видиме како ќе оди следната битка“, вели Борел.

По однос одредени критики и забелешките дека помошта во оружје за Украина само значи продолжување на конфликтот и предизвикување повеќе жртви, Борел вели дека не е прашање само кога ќе заврши војната туку и како.

„Ако престанеме да ја вооружуваме Украина, конфликтот ќе заврши. Но, што тогаш? Не е важно како ќе заврши? Прашањето не е само кога ќе заврши, туку и како“, вели тој.

Во врска со воведувањето нови санкции во однос руската нафта и гас, Борел рече дека има многу опции на маса – оданочување, забрана за увоз или можеби иранскиот систем.

„Многу економисти веруваат дека би било рационално да се зголемат цените на гасот и нафтата, за да се бараат алтернативни извори. Ниту еден од тие предлози не ужива едногласна поддршка. Ова е прашање што треба да го реши Европскиот совет. Ова е политика на високо ниво. Досега не е постигнат договор. Разговараме со сите и вршиме притисок за акција. Кога Германија вели дека нема да има повеќе руска нафта до крајот на годината, тоа е под силен притисок. Но, тоа ќе се случи. Русија ќе ги изгуби парите од продажбата на нафта и гас. Ако успееме да донесеме едногласна одлука, ќе бидам среќен. Инсистирам на ова, изнесувам аргументи, ги проучувам можностите, барам алтернативи“, вели тој.

Според евродипломатот на Европа и недостасува самостојност во многу аспекти, но најважна во моментов е енергетската.

„Многу сме зависни од залихите од личност со која сега имаме многу лоши односи. Јасно е дека за почеток Европа мора да направи напори да стане енергетски независна. Тоа е најважното нешто во моментов. Можеме да бидеме критикувани што не успеавме да го сториме тоа многу порано кога Путин го презеде Крим. Сега ја гледаме вистинската опасност. Сите ја намалуваат потрошувачката и енергетската зависност од Русија, рече тој.

Според шефот на европската дипломатија, светот во иднина ќе биде дополнително поподелен, што ќе резултира со економски шокови. Борел смета дека пченицата ќе стане еден вид оружје.

„Русија веќе вели: Нашата пченица е за пријатели, а кој не е наш пријател нема да ја добие. Ќе се појави нова политичка панорама, со Русија и Кина на едната и Западот на другата страна. И многу земји во развој се наклонети кон една или друга земја зависно околностите. Се сеќавате ли на Студената војна, кога имаше неврзани земји? Сега сме сведоци на оживување на таков феномен“, заклучи Жозеп Борел.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*