ЕК бара подолг рок за приватните пораки меѓу фон дер Лајен и шефот на Фајзер

Денеска истекува рокот кога претседателката на Европската Комисија треба да ги предаде приватните СМС пораки разменети со директорот на Фајзер до омбудсманот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од Европската Комисија денеска соопштија дека побарале од омбудсманот Емили О’Рајли да биде пролонгиран рокот, затоа што „одговорот сè уште се финализира“.

-Потребно ни е уште време, изјави портпаролот Ерик Мамер.

Пред три месеци, омбудсманот на ЕУ ја обвини Европската Комисија за лошо администрирање откако одби да даде пристап до приватните пораки помеѓу претседателката Урсула фон дер Лајен и газдата на една од најмоќните фармацевтски компании, Фајзер, поврзани за набавката на вакцини против Ковид-19.

Новинарски барања до Европската Комисија преку слободниот пристап до информации беше поднесено, но Комисијата го одби барањето. Омбудсманот заклучи дека Европската Комисија не се придржила до очекуваните барања за транспарентност и административни стандарди. За европската медијаторка, О’Рајли, овие пораки, иако се приватни, се однесуваат на политиките на ЕУ и треба да се третираат како сите други документи на ЕУ во рамките на слободниот пристап до информации.

Комисијата имаше до денес да ги испрати пораките и информациите побарани од О’Рајли, но рокот е пробиен.

Што се однесува до објавувањето на содржината, Европската Комисија денеска изјави дека тоа е обврска на омбудсманот, таа ќе треба да одлучи дали ќе ги обелодени откако ќе ги добие.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*