Во Белград средба Вучиќ – Донфрид

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ денеска се сретна со помошник државната секретарка на САД за Европа и Азија, Карен Донфрид, со која разговараше за односот на Србија кон „состојбата во Украина“, евроинтеграците на Белград, иницијативата Отворен Балкан и дијалогот меѓу Белград и Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.

Според соопштението од кабинетот на српскиот претседател, соговорниците разговарале „за односот на Србија кон ситуацијата во Украина, но и за диверзификацијата на енергетските извори во Србија и регионот на Западен Балкан“.

– Говорејќи за регионалната соработка, претседателот Вучиќ особено ја посочи иницијативата Отворен Балкан како пример за успешна регионална соработка и борба за заеднички цели, нагласувајќи дека тоа е најдобар начин да се подготват регионалните држави за членство во ЕУ, но и можност да се достигнат европските стандарди пред приклучувањето, се наведува во соопштението на српскиот претседател.

Вучиќ го поздравил присуството на бројни и значајни американски компании кои успешно работат во Србија, а соговорниците размениле мислења и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, при што се согласиле дека отворените прашања во дијалогот може да се решаваат под покровителство на ЕУ за да се дојде до компромисни решенија.

– Нашата страна ги исполни своите обврски, додека Приштина упорно избегнува да ги спроведе своите. И по девет години од постигнувањето на Бриселскиот договор и Планот за имплементација, не е започнато формирањето на Заедницата на српски општини, посочил Вучиќ нагласувајќи дека Белград останува целосно посветен на дијалогот.

Донфрид посочи дека „САД силно се залагаат целиот регион на Западен Балкан да се приклучи на ЕУ и повтори дека тоа е еден од приоритетите на американската надворешна политика кон регионот“.

Поздравувајќи ја иницијативата Отворен Балкан и намерата на Србија да ги стави економските прашања во фокусот на регионалната соработка, Донфрид истакна дека оваа иницијатива претставува можност за дополнително промовирање на инвестицискиот потенцијал во регионот, се наведува во соопштението по средбата.

Американската делегација во која е и специјалниот пратеник на Стејт департментот, Габриел Ескобар и новиот амбасадор на САД во Белград, Кристофер Хил по средбата со Вучиќ треба да остварат средба и со премиерката Ана Брнабиќ.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*