Етно составот „Монистра“ ќе го отвори првиот Етно фестивал во Охрид

Со настап на етно составот „Монистра“ вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе почне првото издание на Етно фестивал во Охрид.

Концертот на „Монистра“ е најава за нивната турнеја низ државата со што одбележуваат 20 години постоење на македонската музичка сцена.

На настапот, како што информира основачот и лидер на групата, Александар Јовевски ќе бидат изведени, одбрани композиции од 20-годишното творештво на „Монистра“.

– Публиката во Охрид ќе може да слушне дел од нашето творештво, од почетоците до денес. Она што сметаме дека е најдобро, најдобро поминало кај публиката, но претставува и наше лично задоволство, изјави Јовановски за МИА.

Седумчлената група „Монистра“, со својот вокал Габриела Новевска, свири етно музика на сите народни инструменти, кавал, гајда, тамбура, тапан, клавијатури… Во 20–годишното творештво зад себе има два албуми, првиот го носи името на групата, „Монистра“, а вториот „Киниса моме на вода“ .

– Почнуваме со Охрид, ова е прв концерт насловен „20 години Монистра“, продолжувале со Битола, Крива Паланка, Гевгелија, Свети Николе… Концертната сезона ќе ја заокружиме во октомври во Македонскиот народен театар во Скопје со спектакуларен концерт за 20 годишниот јубилеј, истакна Јовановски.

На публиката, нагласи, ќе и испратат порака да слуша и да ја почитува македонската музика, што е и мисијата на етно составот „Монистра“.

Етно фестивалот во Охрид е во организација на здружението за интегриран развој „Арт пријатели“, а со поддршка на Општина Охрид. Втората фестивалска вечер, утре, ќе биде во знакот на традиционалните народни носии од сите краишта на Македонија, чиј колекционер е Антонио Стојчески. Настап ќе имаат и ученици од насоката за национална песна и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“-Скопје.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*