Изложба на академскиот сликар Предраг Урошевиќ во МКЦ

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) денеска ќе биде отворена самостојната изложба на академскиот сликар Предраг Урошевиќ – Пепи, насловена „Треба да ја сакате уметноста во себе, а не себе си во уметноста“. Изложбата ќе биде отворена до 12 мај.

Предраг Урошевиќ – Пепи (1963 – 2007) во 1987 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек Сликарство со сценографија, во класата на професор Родољуб Анастасов. Од 1987 година бил постојан член на ДЛУМ. Реализирал 19 самостојни изложби во земјата и во странство.

Учествувал на повеќе групни изложби, како и во работа на неколку ликовни колонии: Интернационална колонија Смољан – Бугарија 1993; Лесново 1995; Чеплес 1996; Кичево 1999; Охрид 2001; Јоаким Осоговски-мал формат 2002.

Во текот на 1991/92 има изведено интервенции во просторот во Кул-парк, пред Културно-информативниот центар во Скопје.

Во 1993 годона, по повод 30 години од земјотресот во Скопје, на перонскиот ѕид на старата железничка станица во Скопје, изработил мурал заедно со Тања Балаќ и Мирослав Масин.

Значајни циклуси од неговото творештво се: Линија и простор, In-Out, Геопоетика, Цртање на животот, Енергија во молив.

Во областа на графичкиот дизајн, има изготвено 13 книги (од издавачката продукција на куќите „Комунист” и 2Млад Борец”) како и 13 каталози за ликовни изложби.

Почнувајќи од 1997 година, работел и во графичката техника, при што за одбележување е интересот и успехот што го постигнал со трите изложби на монотипии, од циклусот „Геопоетика”, одржани во Скопје, Белград и Куманово.

Од 2000 до 2002 бил член на уметничкиот совет на ДЛУМ.

Бил ликовен педагог во клубот при Домот на културата „Кочо Рацин”, во период од 2001 -2002, како и куратор на првата групна изложба на ликовниот клуб, одржана во Јули 2002 год.

– Главниот слоган на Пепи уште од средношколсите денови беше: „Треба волети уметност у себи, а не себе у уметности”. Веројатно, следејки ја таа идеја во понатамошниот живот и во неговото творење многу тешко се вклопуваше во секојдневното клише на животот. Беше автор кој тешко, а веројатно и воопшто не се вклопувше во институционалните оквири на еден успешен уметник кои беа наметнати во тоа време. Приказната за Пепи е приказна за уметник кој тешко се препознава, а за кој уште потешко се признава неговата посебност. Беше автор свртен кон себе и кон малите минливи работи. Неговата приказна нема среќен крај, туку е приказна на талентиран уметник кој не успеа да ги оствари сопствените творечки можности во полна мерка, затоа што беше заглавен во нашата провинциска кал, се истакнува во најавата за изложбата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*