Почнува одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 мај

Со промоција на 73-от реконструиран објект, објектот на ОВР Радовиш, на која ќе присуствува и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска почнува одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 мај, информираат од МВР.

– На 30 април, во сабота, половина час после пладне, во Струмица – пред Домот на АРМ, во Крива Паланка – на Градскиот стадион, во Велес – во Младинскиот парк, во Струга – на Машка плажа парк и во Крушево – на Гумење, жителите на овие градови, но и сите посетители од околните места, ќе можат да се дружат со полициските службеници од сите единици, да се запознаат со полициската професија, но и нивната опрема, а за музичко освежување на граѓаните ќе се погрижат музичките пријатели на МВР, стои во соопштението од МВР.

Од таму дополнуваат дека на 5 мај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ќе ја отвори Регионалната конференција на директори на полиции, а ден потоа, на 6 мај, МВР ќе реализира крводарителска акција во чест на Денот на македонската полиција. Истиот ден е закажана и промоцијата на монографијата „МВР за граѓаните“.

– Чествувањето на 7 Мај, пак, ќе започне со положување на цвеќе на спомен обележјата на загинатите припадници на полицијата, додека, централната манифестација за одбележување на Денот на полицијата годинава ќе се одвива на Градскиот плоштад во Делчево, со почеток од 12:30 часот, која нашите граѓани од целата држава ќе можат да ја проследат во живо на програмата на МРТВ, наведуваат од МВР. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*