„12 Гневни“ новата преиера на НУЦК „Трајко Прокопиев“- Театар Куманово

 „12 Гневни“ е насловена претставата на Театар Куманово која премиерно ќе биде изведена утревечер со почеток во 20 часот, информираа на денешната прес-конференција од установата.
Претставата е работена по текст на Реџиналд Роуз, во режија на Ирена Стеријовска, а настапува речиси целиот ансамбл на Театар Куманово. Претставата го прикажува односот на поединецот кон системот, личните предрасуди, стереотипи на поединецот, неговиот однос кон општествените предизвици.
Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски ги покани кумановци да ја проследат претставата за која верува дека долго ќе се игра.

Режисерката Стеријовска вели дека претставата го прикажува системот на правда, индивидуалниот однос на системот од кој сите имаат очекувања.

-Во основа приказната е локализирана регионално. Покрај приказна за предрасуди оваа е вивисекција на македонското општество коешто наспроти очекуваните стереотипи ја носи тезата дека ниту еден човек не е само едно нешто, сите ние сме склоп од контрдикторни нешта кои не прават луѓе, секој со свои грешки, секој со поправање на грешките, обидувајќи се да преживееме, вели режисерката. Таа очекува публиката самата да се соочи со личните предрасуди, стереотипи кон различни групи на луѓе.

Актерите Мирослав Петковиќ, Александра Михајловска, Чедомир Митевски, Жарко Јовановиќ на денешната прес-конференција ги претставија своите ликови и ги поканија кумановци да ја проследат претставата, посочувајќи дека е задоволство да се игра ваква претстава многу близу со публиката, по пандемијата. Покрај нив во претставата играат и Александра Пешевска Дубравка Киселички, Владо Дојчиноски, Антонио Димитриевски, Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Сања Русеска и Давид Илиќ.

„12 Гневни“ е приказна за дванаесетмина поротници кои по завршувањето на еден судски процес треба да донесат одлука за евентуалната вина или невиност на едно младо момче од малцинска етничка група, за убиство од прв степен. Покрај ретроспективното раскажување на случајот со убиството преку повикување на фактите искажани во судницата, оваа приказна се занимава со односот на поединецот кон системот, со индивидуалното поимање на правдата, но и ги акцентира предрасудите како една од најголемите опасности што ѝ се закануваат на идејата за праведно општество. Претставата го истражува поединечниот однос на секој од поротниците кон личната одговорност за воспоставување на фер систем, посочувајќи ја апатијата на граѓаните како најголемата закана за негово компромитирање.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*