Пендаровски: Народната банка води ефикасна монетарна политика за време на сите кризи

Изминативе две години, поради пандемијата, а сега уште позасилено поради руската инвазија во Украина, ние, но, воопшто и Европа и светот, се соочуваат со економска и енергетска криза, ценовни шокови и инфлација. Но, и во вакви сложени услови, државните институции функционираат стабилизирачки, со што ја оправдуваат довербата на граѓаните. Водечка во оваа смисла е Народната банка која водеше и води ефикасна монетарна политика за време на сите овие кризи, со што испраќа јасни сигнали до економските фактори, а тоа повратно влијае стабилизирачки во однос на состојбите на пазарот и инфлаторните движења, рече претседателот Стево Пендаровски во синоќешното обраќање на Свечената академија по повод 30 години од монетарното осамостојување.

Изразувајќи очекување дека Народната банка ќе продолжи да ја одржува својата уставно загарантирана независност во однос и на политичките и на економските центри на моќ и во иднина ќе придонесува за одржувањето стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, Пендаровски порача дека единствено со транспарентна политика и домаќинско работење може да се гарантира улогата на финансискиот сектор, да се поддржи реалната економија и да се работи во интерес на граѓаните.

-Јасно е дека освен некои внатрешно генерирани состојби низ годините, сепак, актуелните економски турбуленции на глобално ниво, во голема мерка влијаат на довербата на граѓаните во банкарскиот систем и кај нас и во светот. За жал, таа доверба, денес, во континуитет се поткопува и од фактори кои стануваат се потешки за контрола. Зборувам за хибридните закани, меѓу кои најопасни се дезинформациите кои се широко застапени и сѐ поинтензивно се појавуваат на социјалните мрежи. Сведоци сме, особено последнава година, дека Народната банка беше таргетирана со многубројни лажни вести со единствена цел, да креираат паника меѓу граѓаните, несигурност и недоверба во системот. Меѓутоа, мораме да констатираме дека нашата централна банка досега успешно ги води тие битки и навремено реагира на сите вести кои пласираат невистини, потенцира претседателот.

Тој се осврна и на историјатот, со напомена дека оваа институција одигра силна улога во зацврстувањето на темелите на нашата независност и државност. Минатата година, потсети, земјава одбележа 30 години независност, „но круцијален државотворен аспект без кој ќе беше невозможно заокружувањето на меѓународно-правниот субјективитет на новата држава, беше монетарното осамостојување“.

-Со прогласувањето на независноста во 1991-та, нашата Централна банка почна да стекнува сосема поинакво ново искуство, кое ни помогна успешно да ги надминеме комплексните предизвици од првите години од независноста. Веќе идната 1992 година, во Парламентот беше усвоен пакетот закони со кои беше поставена институционалната рамка на монетарниот систем, а пред македонските граѓани беа претставени банкнотите на новата македонска валута ‒ денарот, првиот симбол на нашето монетарно осамостојување. Со политиките на воспоставување стабилен курс на денарот, Централната банка во тоа време одигра силна улога во зацврстувањето на темелите на нашата независност и државност. Инфлацијата беше стабилизирана, банкарскиот систем почна да закрепнува, а беше оформена и позначајна сума на девизни резерви како клучен аспект на девизната ликвидност на земјата. Со тоа беше поставен примарниот одбранбен механизам од евентуалните надворешни регионални и светски финансиски шокови, но и поддршка во процесот на транзиција на националната економија кон современите пазарни економски системи, подвлече шефот на државата.

Според него, работата на Народната банка и наназад низ годините воопшто не беше едноставна, особено за време на големата финансиска криза од 2008 година, кога ризиците за финансиската стабилност беа значително зголемени.

-Наспроти непредвидливите глобални економски движења и зголемените макроекономски ризици, финансискиот систем на Република Северна Македонија остана стабилен за што клучно влијание имаше сетот на мерки кои во тие услови ги презеде Народната банка, нагласи Пендаровски.

Претседателот укажа и дека веќе подолг временски период, заради стекнатиот кандидатски статус за членство во ЕУ, поставеноста на Народната банка од аспект на нејзината независност беше и е непрекинато предмет на оценување од страна на Европската централна банка, а, будно се следи и од Европската комисија преку нејзините годишни извештаи.

-Притоа, треба да се одбележи дека во сите свои извештаи и Европската централна банка и Европската комисија потврдуваат дека законските одредби кои се однесуваат на независноста на Народната банка ги опфаќаат сите аспекти на независноста на централните банки утврдени со одредбите од Договорот за функционирање на Европската Унија и Статутот на Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки. Како еден од столбовите не само на нашата економија, туку и на нашата држава, уверен сум дека Народната банка ќе го продолжи континуитетот на позитивно работење и успешно водење на монетарната политика согласно нејзините со закон утврдени цели и задачи, рече претседателот во обраќањето на тридеценискиот јубилеј чие одбележување го организира во организација на Народната банка.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*