ФЕИТ доби донацијата на опрема од „Сименс“ и „СисКон“

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) доби донација дигитално најсовремена опрема од „Сименс“ од Австрија и локалниот партнер и дистрибутер „СисКон“ за Лабораторијата за релејна заштита.

Австрискиот производител обезбеди и обука за професорите кои понатаму ќе работат со студентите да се запознаат со најновата технологија, а како што се наведува во соопштението, се отвораат можности и за фирми кои имаат потреба, преку ФЕИТ да добијат соодветна обука за користење на овој тип на опрема во своето работење.

Според деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски, успешното опремување на Лабораторијата е резултат на шестмесечен процес, во чија реализација значајна поддршка добиле и од „СисКон“.

– Донацијата овозможува унапредување на условите и квалитетот на студии на нашиот факултет, бидејќи идните инженери од тука ќе излезат подготвени да се вклучат во процеси во реални ситуации. Задоволни сме што успеавме со заедничката донација на „Сименс“ и „СисКон“ да креираме можност и за идните студенти да се запознаат со примената на опремата од најновата технологија од оваа област и тоа знаење понатаму да го применат на новите работни позиции, истакна Ташковски.

Менаџерот на компанијата „СисКон“, Владимир Дилевски објасни дека при обуката на наставниот кадар за користење на опремата, дефинирани се и лабораториски вежби со цел да се следи програмата на факултетот.

– Донацијата на „Сименс Австрија“ и „СисКон“, како локална компанија од Скопје, се состои од опрема за нумеричка релејна заштита. Односно, донирани се два типа на релеи од најновата генерација со пропратна опрема за комуникација, софтверски пакет неопходен за работа со опремата и направена е обука на наставен кадар од ФЕИТ од страна на „Сименс“ – Виена. Опремата е веќе поставена во Лабораторијата и монтирана е во индустриски ормари од производителот „Ритал“ со пропратни елементи од производителот „Сименс“ и „Феникс контакт“, која е донација од „СисКон“. Намената на опремата е да се обезбедат практични лабораториски вежби за студентите, додаде Дилевски.

Раководителот на Лабораторијата за релејна заштита, проф. д-р Антон Чаушевски е еден од професорите кои се обучени за користење на опремата за понатамошна работа со студентите.

Чаушевски напомена дека станува збор за дигитална заштита од најновата генерација со најсовремена технологија што овозможува идните инженери да се запознаат со софистицирана технологија, каква ги очекува понатаму и на идните работни места.

– Со опремата ќе овозможиме практични вежби за студентите, но ќе се отвори можност за соработка со стопанството кога на компаниите им е потребна обука за овој тип на опрема, особено со индустриски и енергетски компании кои имаат опрема на „Сименс“  во своите капацитети. Особена благодарност до менаџерскиот тим на „СисКон“ и „Сименс“, како и на колегата Сашо Мартиновски, поранешен студент на Факултетот, а сега дел од „Сименс“ – Виена, кој ја одржа обуката за наставниот кадар, рече Чаушевски.

Лабораторијата за релејна заштита, која е формирана во осумдесеттите години од минатиот век со цел во неа да се изведува настава, е акредитирана согласно стандардот ISO / IEC 17020 за вршење на дејност во делот на мерење на релејна заштита за сите индустриски и енергетски постројки.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*