Влада: Авиокомпанијата има одобрено термини за полетување и слетување и во текот на овој месец

Авиокомпанијата „Гуливер“ која оперира на релација Софија-Скопје има одобрено термини за полетување и слетување и во текот на овој месец, велат од Владата на Северна Македонија од каде МИА побара став по информациите дека од 21 мај прекинува продажбата на авиобилети за оваа релација.

– Во однос на авиолинија Софија – Скопје, Ве информираме дека авиокомпанијата која го оперира овој лет нема склучено договор за финансиска поддршка со Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски. Според информации со кои располагаме, авиокомпанијата има одобрено термини (слотови) за полетување и слетување и во текот на овој месец, стои во одговорот на Владата.

Оттаму посочуваат дека воспоставувањето на летот е од комерцијален аспект и од тие причини за повеќе информации упатуваат на авиокомпанијата.

Претходно, министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека според негови информации, причина за прекинот се преговорите меѓу компанијата и бугарската Влада за субвенционирање.

– Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не, изјави Османи.

Авиолинијата Софија-Скопје почна да функционира од март, а нејзиното воспоставување беше резултат на договорот меѓу мешовитите владини комисии на Бугарија и Северна Македонија. Договорот беше потпишан на 25 јануари годинава за време на меѓувладината седница што се одржа во Софија. Авионското поврзување меѓу Северна Македонија и Бугарија беше првиот чекор на конкретизирање на соработката што ја најавија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков на нивната прва средба во Скопје на 18 јануари.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*