Патниците од автобусот во сообраќајката во Прилеп се со лесни повреди

Нема пациенти со тешки повреди ниту е загрозено нивното здравје. Прегледаните се со набиеници и лесни повреди и се пуштени на домашно лекување, велат од прилепската болница каде од изутрината се згрижуваат патниците од автобусот кој при судир со друг автобус удри во столб во прилепската населба Точила.

Според Кети Смилеска, директор на Општа болница со проширена надлежност – Прилеп, прво од сообраќајната незгода во болницата се донесени 20 пациенти, а потоа доаѓале и други кои имале лесни повреди.

-Во утринските часови, со екипите на итната помош во прилепската болница се донесени 20 пациенти од сообраќајната несреќа што се случила денес при судир на два автобуси. Од овие 20 пациенти, 8 се на максилофацијална хирургија каде се извршени одредени мали интервенции, неколку пациенти се на ортопедија и на хируршкото одделение. Дел од пациентите, поточно седум сѐ уште чекаат резултати од рентген снимките, една пациентка има повреди на черепот и е задржана поради опсервација и следење на нејзината состојба. Другите пациенти се пуштени на домашно лекување. Доаѓаат и други пациенти со мали повреди и пораид следење на нивната состојба се примаат на преглед, аи од нив нема некои со потешки повреди. Сите пациенти кои се обратија во болницата се надвор од животна опасност, немаат сериозни повреди за загрозување на нивниот живот. Во болницата се оние кои ги чекаат рентген-снимките, другите се пуштени на домашно лекување, изјави Смилеска.

Според првичните информации од прилепското јавно обвинителство, несреќата се случила изутрината околу шест часот кога дошло до судир на два автобуси. Едниот автобус бил без патници, а другиот кој се удрил во бандера бил полн со работнички кои требаше да ја започнат првата смена во текстилна фабрика во Прилеп.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*